Се враќаат патролите и инспекциите на Вардариште по новите палења

Околу депонијата Вардариште се најавуваат 24-часовни патроли, дополнителни камери, блокирање на приодите и подготовка за процес на одгасување.

Околу депонијата Вардариште повторно се најавуваат засилени контроли, инспекции и мерки за спречување нови палења. Надлежните најавуваат 24-часовна патрола од дежурни инспектори, поставување дополнителни камери за видеонадзор и блокирање на приодите до депонијата по 1 мај.

Ова се дел од мерките што претставниците на иницијативата „Стоп за Вардариште“ ги добиле како уверување на средба со претставници на Град Скопје. На средбата се разговарало за повторните палења на депонијата и за потребата од системски решенија, наместо реакции само по нови инциденти.

Граѓаните претходно алармираа дека, по седум месеци, повторно има пожари на Вардариште. Депонијата лани во август беше зафатена од голем пожар, по што следеа протести и силни реакции од жителите.

Од иницијативата велат дека институциите мора да воведат континуирани превентивни мерки.

„Не ја исклучуваме можноста за нови блокади доколку продолжат ваквите случувања, имајќи го предвид револтот по последните палења“, соопштија од „Стоп за Вардариште“.

Меѓу најавените мерки е и поставување заштитна ограда во близина на ЈП „Лајка“, како дополнителна заштита од нелегален влез и ново депонирање отпад.

Во наредните недели се очекува да биде преселено и згрижено ранливото население што престојува во близина на дивата депонија.

На средбата било разговарано и за процесот на одгасување на Вардариште, што неодамна го најави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Според информациите од иницијативата, веќе се ископани два бунари, од кои се земени мостри и испратени на анализа во акредитирана лабораторија на Универзитетот „Гоце Делчев“.

„Почетокот на одгасувањето се очекува најдоцна до август, а можно е и порано. Според техничкото решение, ќе се изведат 22 бунари со прецизни координати за мерење на количината гас, како почетна истражувачка фаза“, наведоа од „Стоп за Вардариште“.

Доколку анализите покажат доволно количество гас, најавено е поставување соодветна централа за негово искористување.

Случајот со Вардариште повторно го отвора прашањето за дивите депонии, институционалниот надзор и здравјето на граѓаните што живеат во близина на загадени и небезбедни простори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни