Хрватска го заврши настапот на Светското првенство по драматичниот пораз од Португалија со 2:1, но по натпреварот во фокусот не остана само фудбалската претстава, туку и спорната судиска одлука во самиот финиш.
Во 94. минута, Хрватска постигна гол за израмнување на 2:2, но по долга ВАР-проверка погодокот беше поништен поради офсајд, утврден со помош на технологијата и чипот во топката.
Одлуката предизвика бурни реакции кај навивачите, аналитичарите и поранешни фудбалери, кои ја доведоа во прашање примената на ВАР во клучни моменти.
Ибрахимовиќ со остри критики
Во свој препознатлив стил реагираше Златан Ибрахимовиќ, кој остро ја критикуваше судиската одлука и начинот на кој се користи технологијата.
„Судиите прават сè што е во нивна моќ за да му помогнат на Кристијано Роналдо да го освои Светското првенство, а потоа слушаме дека Меси е миленик на ФИФА. Ова е очигледен грабеж. Топката воопшто не го допре хрватскиот играч. Навивачите не доаѓаат за да гледаат екрани, туку емоции и драма. ВАР повеќе не ги исправува очигледните грешки, туку бара милиметри што никој на стадионот не ги гледа“, порача Ибрахимовиќ.
Анри: Не можете да поништите ваков гол без очигледен доказ
Легендарниот француски напаѓач Тиери Анри исто така ја критикуваше примената на технологијата во оваа ситуација.
Тој оцени дека ваквите интервенции ја нарушуваат суштината на играта и дека гол од таква важност не треба да се поништува ако доказот не е целосно јасен.
„Не ја разбирам оваа одлука. Судијата и ВАР системот го уништија еден од најголемите моменти на Светското првенство. Не можете да поништите толку важен гол ако доказот не е сосема очигледен. Го гледав видеото неколку пати и не гледам дека Матановиќ воопшто ја допрел топката. Ако цртањето линии трае толку долго, тогаш грешката не е очигледна. Жал ми е за хрватските играчи, бидејќи е донесена погрешна одлука“, изјави Анри.
Бат: Фудбалот не треба да се анализира под микроскоп
Со критики се приклучи и поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Ники Бат.
Според него, ваквите ситуации му нанесуваат штета на фудбалот, бидејќи фокусот по натпреварот се префрла од играчите и емоциите кон судиите и технологијата.
„Не можам да верувам што видов. За ова ќе се зборува со години. Кога проверката трае толку долго, се поставува прашањето дали ВАР навистина исправува грешка или бара причина да поништи гол. Фудбалот не треба да се анализира под микроскоп. Сочувствувам со Хрватска, бидејќи ваквите одлуки можат емоционално да го уништат тимот. Фактот што по ваков натпревар зборуваме за судиите, а не за играчите, кажува сè“, изјави Бат.
ВАР повторно во центарот на дебатата
Контроверзната одлука предизвика бројни реакции и на социјалните мрежи, каде навивачите и дел од фудбалската јавност повторно ја отворија дебатата за примената на ВАР-технологијата.
Прашањето дали ВАР му помага на фудбалот или ја одзема неговата природна динамика повторно се најде во центарот на вниманието по драматичниот крај на дуелот меѓу Хрватска и Португалија.