Утрово Берово на -4, следуваат сончеви денови до средината на неделата

По утринскиот студ и температурите под нулата, дневните вредности ќе достигнат до 25 степени пред најавениот дожд.

Утрово во Берово живата се спушти на рекордни минус 3,7 степени, додека веќе до пладне температурата таму се искачи на речиси девет степени Целзиусови. Острите утрински температурни контрасти остануваат обележје на временската слика во земјава и во наредните денови. Стабилното, сончево време со умерена облачност ќе се задржи сè до средината на идната недела, кога од запад пристигнува бран на наоблачување и локални врнежи од дожд.

Според официјалните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, најниската утринска вредност на 17 октомври е регистрирана во Берово со -3,7 степени, а негативни температури бележат и Крива Паланка со -0,7, Лазорополе со -0,6 и Струмица со -0,2 степени. Во Крушево минималната изнесуваше 0,2 степени, во Штип 0,8, а во Охрид еден степен. Во главниот град, мерната станица Скопје-Петровец регистрираше минимални 4,7, додека на Зајчев Рид беа измерени 5,2 степени. Најтопло утро имаше Гевгелија со 6,6 степени.

Во текот на претходните 24 часа врнежите беа слаби и локални. Најмногу воден талог имаше во Струмица со 2,4 литри на метар квадратен, во Штип 2 литри, во Кавадарци 1,6 и на Зајчев Рид во Скопје точно еден литар.

Мерењата во 11 часот покажаа брз температурен скок низ целата земја. Во Берово температурата достигна 8,6 степени, што претставува скок од над 12 степени за само неколку часа. На Попова Шапка во истиот термин беа измерени 2,1 степен, во Крушево 5,9, а во Маврови Анови 7,8 степени.

Во Охрид во 11 часот беа измерени 10,9 степени, во Тетово 11,4, во Битола 11,6, додека во Скопје вредностите се движеа од 11,7 во Петровец до 13,4 степени на Зајчев Рид. Највисока вредност пред пладне имаше Гевгелија со 17 степени Целзиусови. Во Скопје за денеска се предвидува максимална дневна температура до 18 степени, со слаб до умерен северен ветер.

Утре, на 18 октомври, продолжува периодот на сончево време со мала до умерена облачност и слаб до умерен северен ветер. Утринските температури ќе се движат од нула степени во Берово до осум во Гевгелија, а во Скопје се очекуваат седум степени. Максималните дневни ќе достигнат 13 степени во Берово, 21 во Скопје и до 23 степени во Гевгелија.


Слично време ќе преовладува и во понеделник и вторник, со максимални вредности што локално ќе се искачат до 25 степени. Промената започнува во среда, 21 октомври, кога ветерот го менува правецот во југозападен и носи зголемена облачност со услови за локален дожд во западните делови. За четврток и петок метеоролозите најавуваат претежно облачно време со поинтензивни врнежи од дожд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс