Културни и спортски попусти за студентите
Една од најзначајните иницијативи на УСС при УКИМ е соработката со Министерството за култура, која овозможува на сите студенти во државата да добијат 50% попуст на билетите за културни настани во сите Национални културни установи. Меморандумот за оваа соработка е веќе потпишан, а според Николовски, студентите може да го искористат попустот во секој момент.
„Покрај тоа, работиме на соработка со теретани низ Скопје, бидејќи се грижиме за физичкото здравје на студентите. Досега сме постигнале договор со десетина теретани каде што студентите имаат попуст“, изјави Николовски.
Ова не е сè – УСС редовно организира гивавејс на кои студентите можат да освојат различни награди како што се лаптопи, мобилни телефони, бесплатни членарини за теретани, присуства на конференции и патувања во странство. За првиот академски час, веќе беа поделени неколку вакви награди, а ваквите активности ќе продолжат и во иднина.
Идни планови за студентски поволности
Една од главните цели на УСС во наредниот период е да обезбеди попуст за студентите и во рамките на спортските натпревари. Николовски информира дека во тек се преговори со Министерството за спорт за да се овозможи 50% попуст на билетите за спортски настани.
Покрај тоа, се подготвува и барање за обезбедување попусти за стоматолошки услуги за студентите, како и можност за соработка со платформата разговор.мк, со која ќе се овозможат попусти за консултации со психолог – иницијатива која има за цел да го поддржи менталното здравје на студентите.
Поддршка за младите да останат во државата
Одговарајќи на барањето на правобранителката Савче Ѓошева за зголемување на стипендиите за општествените науки, Николовски истакна дека се работи на нова мерка наречена „Нашите млади создаваат дома“. Преку ваучер систем, целта е да се поддржат младите за да останат во Македонија и да продолжат со своето образование.
„Преку оваа мерка, сакаме да овозможиме целосно стипендирање на вториот и третиот циклус на студии“, додава Николовски.
Платформа за студентска работа
Еден од највозбудливите проекти на УСС е лансирањето на платформа за студентска работа, која ќе биде пуштена во употреба на 18 ноември. Според Николовски, оваа платформа ќе овозможи студентите да се вклучат во привремена работа (part-time), слично на германскиот Mini Job систем.
„Ова ќе биде уште еден предуслов студентите да се задржат во земјата и да останат вработени“, истакнува Николовски.
Успешни иницијативи и предизвици
Од Министерството за образование, дел од барањата на УСС веќе се исполнети, меѓу кои е и проширувањето на правото на студентски оброк за бруцошите кои од оваа година имаат право на оброк од 1 октомври, наместо од 1 ноември како претходно.
Николовски истакна дека е потребна работа на новиот Закон за младински стандард, кој треба дополнително да се доразвие. Воедно, УСС работи на укинувањето на книжниот индекс и воведувањето на електронски индекс, за што ќе се одржи состанок со министерката за образование.
Сместување за студентите и регулирање на кириите
Во соработка со Драгана Бојковска, координаторка на Клубот за младински прашања и политики и најмладата пратеничка во Собранието, се разговараше за стандардизација на цените за приватното сместување за студентите. Ова прашање е особено важно со оглед на тоа што два студентски дома се во процес на реновирање.
„Подготвуваме истражување за тоа како и на кој начин се ограничуваат кириите во западните земји, а потоа ќе организираме јавна дебата за да се утврди дали е потребно донесување законски мерки за намалување на кириите за студентите“, објасни Николовски.
Реновирање на студентските домови
Што се однесува до подобрувањето на студентското сместување, Николовски информира дека студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ се очекува да биде завршен до октомври следната година, а „Стив Наумов“ ќе биде готов до половина од следната академска година.