Илјадници демонстранти во Мадрид бараат оставка од Санчез и предвремени избори

Илјадници граѓани денеска маршираат низ центарот на Мадрид, барајќи оставка од шпанскиот премиер Педро Санчез

Илјадници граѓани денеска маршираат низ центарот на Мадрид, барајќи оставка од шпанскиот премиер Педро Санчез и предвремени парламентарни избори. Во центарот на протестот е одговорот на Владата на миграциската криза во Сеута и Мелиља.

Протестната поворка тргна од плоштадот Сибелес и треба да заврши кај Триумфалната порта, а учесниците носат шпански знамиња и транспаренти со критики кон левичарската влада.

Собирот е организиран од платформата „Шпанско граѓанско општество“, која бара изборите да бидат одржани пред 15 ноември. Организаторите ја обвинуваат Владата дека не ја заштитила границата и дека доцнела со реакцијата по масовното пристигнување мигранти од Мароко во шпанската северноафриканска енклава Сеута.

Платформата е блиска до поцврстите струи на шпанската десница, а протестот доби поддршка од претставници на конзервативната Народна партија и крајнодесничарската Вокс. Меѓу поддржувачите на иницијативата се поранешни функционери на Вокс, Народната партија и партијата Сиудаданос.

Организаторите бараат и засилено воено присуство во Сеута и Мелиља, построга контрола на границата и побрзо враќање на лицата кои немаат право на престој. Владата, од друга страна, подготвува законски измени со кои треба да се забрзаат постапките за враќање мигранти во Мароко, но дел од предложените решенија предизвикуваат критики од организациите за човекови права.

Миграциската криза ескалираше кон крајот на јули, кога повеќе од 70.000 лица се обидоа или успеаја да преминат од Мароко во Сеута. Најголемиот дел подоцна се вратија, но илјадници останаа во привремени кампови и прифатни центри, што создаде силен притисок врз локалната инфраструктура и доведе до политички и општествени тензии.

Денешниот протест е втор голем собир во Мадрид за помалку од еден месец поврзан со кризата. На почетокот од септември околу 50.000 луѓе, според процената на владината делегација, протестираа во шпанската престолнина, додека паралелни собири се одржаа и во други градови.

Ситуацијата предизвика и контрапротести против ксенофобијата и исламофобијата. Хуманитарните организации предупредуваат дека политичките несогласувања не смеат да ги загрозат правото на азил и заштитата на малолетниците без придружба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс