Фудбалската репрезентација на Уругвај се најде во сериозна опасност од рана елиминација на Светското првенство, откако по две кола освои само два бода и не успеа да ги оправда очекувањата на своите навивачи. Селекцијата предводена од Марсело Биелса одигра нерешено 1:1 против Саудиска Арабија, а потоа киксна и против Зеленортските Острови со 2:2. Наместо сигурен пласман во осминафиналето, Уругвајците сега ќе мора да бараат спас во последното коло против Шпанија.
По новото разочарување, селекторот Марсело Биелса анализираше што тргнало наопаку.
„Ја загубивме контролата во момент кога требаше да го задржиме притисокот врз противникот. Кога му дозволивме да ја преземе иницијативата, противникот ги покажа квалитетите кои можевме да ги неутрализираме“, изјави Биелса.
Во јавноста се отвори и прашањето за улогата на капитенот Федерико Валверде, но аргентинскиот стратег смета дека тоа не е причината за слабите резултати.
„Тоа не е пресуден фактор. Валверде може слободно да игра по целата офанзивна линија. Понекогаш ги добивате шансите што ги заслужувате, а понекогаш не“, додаде Биелса.
Сега математиката за Уругвај е јасна. Победа против актуелниот европски шампион Шпанија е најсигурниот пат кон нокаут-фазата. Реми би ги оставил во игра, но нивната судбина би зависела и од исходот на натпреварот меѓу Саудиска Арабија и Зеленортските Острови. Пораз од Шпанија, пак, сигурно би значел крај на мундијалските надежи за двократниот светски шамион. Пред последното коло, притисокот е огромен, а Уругвај нема простор за нов кикс ако сака да остане дел од Светското првенство.