Голема спасувачка операција е во тек во атинската населба Петралона, каде што денеска се урна четирикатна станбена зграда со седум станови. На местото веднаш беа испратени екипи на противпожарната служба, специјализирани спасувачи и кучиња-трагачи, кои ги пребаруваат урнатините.
Според првичните информации од грчката противпожарна служба, четири лица кои претходно биле пријавени како затрупани се лоцирани и се на безбедно. И покрај тоа, спасувачките екипи продолжуваат со детално пребарување на урнатата зграда за да се утврди дали има други лица под рушевините.
Причината за уривањето засега не е официјално утврдена. Грчките власти соопштија дека во непосредна близина на објектот се изведувале градежни работи, а истрагата треба да утврди дали тие имале влијание врз инцидентот.
Областа околу зградата е обезбедена, а на терен се присутни голем број припадници на службите за итна помош и полицијата. Надлежните апелираат граѓаните да не се приближуваат до местото на несреќата додека трае спасувачката операција и увидот.
Властите најавија дека по завршувањето на спасувачката акција ќе биде спроведена детална експертиза за да се утврдат причините за уривањето на станбениот објект.