Во летните месеци Скопје сè почесто се соочува со високи температури, загреан асфалт и недостиг од сенка во делови од градот. Токму затоа, урбаното зеленило не треба да се гледа само како естетски додаток, туку како важна заштита од жештина, прашина и загадување.
Од Градинарскиот центар „Фоја“ посочуваат дека добро испланираните дрвореди, правилно избраните садници и современите решенија како кровните градини можат значително да придонесат за попријатна и поздрава градска средина.
Дрвјата како природна заштита од топлински бранови
„Во Скопје дрвјата не се само украс, туку природна заштита од топлински бранови. При изборот на садници треба да се внимава на отпорноста на суша, загадувањето, високите температури и ограничениот простор за развој на коренот“, велат од Градинарскиот центар „Фоја“.
Според нив, погодни видови за урбани услови може да бидат копривката, односно Celtis australis, горскиот јавор, млечот и нивните култивари Acer pseudoplatanus и Acer platanoides, полскиот и црниот јасен, платанот, дабовите и други видови дрвја.
Сепак, од „Фоја“ нагласуваат дека секоја локација треба посебно да се процени.
Садењето мора да оди со план за одржување
За зеленилото да има вистински ефект, садењето не смее да биде само еднократна акција. На дрвјата им се потребни доволно почва, простор за развој на коренот, редовно наводнување во првите години и континуирано одржување.
Особено важни се возрасните дрвја, бидејќи нивната ладовина и еколошка вредност не можат брзо да се надоместат со нови садници.
„Најголемата грешка е кога се сади без план за иднината и без капацитети за одржување. На новите дрвја, а особено на старите постојни, треба да им обезбедиме услови за да се развиваат здраво“, објаснуваат од „Фоја“.
Оттаму додаваат дека редовното одгледување и одржување чини многу повеќе од самиот чин на садење, но е неопходно ако градот сака долгорочно функционално зеленило.
„Урбаното зеленило треба да се третира како јавна инфраструктура, исто толку важна како улиците и тротоарите“, велат од Градинарскиот центар.
Кровните градини како решение за густо изградени делови
Покрај дрворедите, сè поголемо значење добиваат и кровните градини, особено во густо изградени делови каде нема доволно простор за класично зеленило.
На оваа тема „Фоја“ создаде инстант вегетативен модул – „Семпервел“, наменет за брзо и лесно подигање на екстензивни и полуинтензивни кровни градини.
Овие модули се поставуваат на рамни кровови или тераси, имаат дренажно-акумулациони својства и помагаат во задржување на дождовницата, подобрување на термичката изолација и внесување зеленило врз бетонските површини.
„Кровните градини се начин да се врати дел од зеленилото што градот го губи со заробените површини под новите градби. Со Семпервел, кровната градина може да се изведе побрзо и поедноставно, а ефектот е корисен и за објектот и за околината – помалку загревање, подобра изолација, апсорпција на прашина и попријатен урбан простор“, велат од „Фоја“.
Зеленилото како неопходност, не како декор
Во време на масивна урбанизација, ваквите решенија стануваат сè поважни за град како Скопје.
Дрворедите, кровните градини и редовното одржување на зеленилото можат да помогнат градот да стане поздрав, попријатен и поподнослив за живеење во летните месеци.