Со силна посетеност, позитивна енергија и богата музичка програма, заврши второто издание на Урбан Фест – единствениот радиски фестивал на отворено во Македонија.
Фестивалот се одржа на 9 и 10 јуни на локацијата „Вембли“ во Градски парк во Скопје, каде илјадници посетители во текот на двете вечери уживаа во настапи на голем број македонски изведувачи и диџеи.
Втората фестивалска вечер донесе настапи на Зарина Првасевда, Миа Перевска, Полина, Симона Поповска, Александар Тарабунов, Сара Мејс, Тони Зен, Два Бона, Ерик Фокс и Преку Ред, кои ја заокружија дводневната музичка приказна со силна енергија и контакт со публиката.

Првата вечер беше посветена на учесниците од проектот „Музичка фабрика“ и на млади и веќе познати артисти, со што фестивалот ја потврди својата отвореност кон различни генерации и музички стилови.
Организаторите истакнуваат дека влезот бил бесплатен, со што Урбан Фест станал достапен за пошироката публика и придонел за создавање заедничка фестивалска атмосфера во срцето на градот.

Со ова издание, фестивалот ја потврди својата мисија за поддршка и промоција на македонската музика, создавање простор за домашните автори и изведувачи и градење силна заедница околу современата музичка сцена.