Уранија Пировска: Не можеме да зборуваме за демократија ако толерираме омраза

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет зборува за состојбата со човековите права во Македонија, говорот на омраза, дискриминацијата, родовата еднаквост и предизвиците пред институциите.

Во време кога говорот на омраза, дезинформациите и нападите врз човековите права стануваат сè повидлив дел од јавниот простор, прашањето за заштитата на основните слободи добива нова тежина. Македонија со години се соочува со предизвици поврзани со дискриминацијата, родово базираното насилство, политичката поларизација и довербата во институциите, а човековите права често остануваат тема за која се зборува дури кога ќе се случи криза.

За тоа каде се наоѓа земјата денес, кои се најголемите предизвици за ранливите категории граѓани, како се менува јавниот дискурс и дали институциите успеваат да обезбедат еднаква заштита за сите, разговараме со Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Трн: Хелсиншкиот комитет постои од 1994 година. Три децении подоцна, дали македонското општество има поголема или помала потреба од вас?

Уранија: Поголема од кога и да било. Не затоа што три децении подоцна не постојат закони, институции или формални механизми за заштита на човековите права, туку затоа што јазот меѓу она што е запишано на хартија и она што луѓето го живеат секој ден станува сè подлабок. Денес, човековите права повторно се претставуваат како идеолошки луксуз, како „увезена агенда“ или како закана за некакви наводно традиционални вредности. Тоа е опасен политички момент.

Како што се наведува и во Манифестот на Скопје Прајд 2026, живееме во време на воени превири, зголемена милитаризација, климатски колапс и антиграѓански реторики, во земја погодена од корупција, инфлација, родово базирано насилство и нефункционално здравство. Институциите премногу често не реагираат, не постапуваат или не преземаат одговорност. Во таков контекст, работата на организациите за човекови права не е помалку потребна, туку станува суштинска за преживување на демократското општество.

Дополнително, сведоци сме на глобален пораст на десничарски, антиродови и антидемократски политики. Тие политики не остануваат некаде далеку од нас; тие се преведуваат во локални закони, јавни кампањи, говор на омраза, институционално молчење и конкретни последици врз животите на жените, ЛГБТИК+ луѓето, Ромите, сиромашните, работниците, младите и сите оние кои системот ги третира како помалку важни.

Во исто време, граѓанските организации работат со сè помалку ресурси, во услови на намалени фондови и зголемени потреби. Тоа значи дека помалку луѓе имаат пристап до бесплатна правна помош, психосоцијална поддршка, безбеден простор или застапување пред институциите. Ние не треба да бидеме замена за државата, но во пракса премногу често стануваме последната адреса на која граѓаните се обраќаат кога системот веќе ги напуштил.

Затоа, да, потребата од Хелсиншкиот комитет денес е поголема од кога и да било. Сè додека институциите не ги штитат еднакво сите граѓани, сè додека правата зависат од тоа кој сте, каде живеете, колку пари имате, кого сакате или како се идентификувате, нашата работа останува неопходна.

Трн: Кои се денес најранливите групи во Македонија, оние за кои системот практично не постои?

Уранија: Најранливи се оние луѓе кои не само што се изложени на повреди на права, туку и немаат реален, брз и достапен механизам преку кој можат да се заштитат. Тоа се луѓе за кои системот формално постои, но практично е далечен, бавен, недостапен или целосно незаинтересиран.

Последните извештаи на Хелсиншкиот комитет покажуваат дека меѓу најранливите се жртвите на родово базирано и семејно насилство. Тие често се соочуваат со институции кои не реагираат навремено, со постапки што траат предолго, со несоодветно санкционирање на насилниците и со недоволна заштита од повторно насилство. За многу жени, системот не е простор на заштита, туку уште една траума низ која мораат да поминат.

Ромската заедница, особено децата Роми, продолжува да се соочува со структурна дискриминација, сиромаштија и сегрегација во образованието. Кога дете е системски издвоено, понижено или оставено во полоши образовни услови поради својата етничка припадност, тоа не е изолиран административен проблем, туку директно производство на нееднаквост.

ЛГБТИК+ луѓето се исто така меѓу групите за кои системот често не постои. Особено ранливи се транс луѓето, младите ЛГБТИК+ луѓе, луѓето со различна родова експресија, ЛГБТИК+ луѓето од помалите градови, луѓето кои зависат од семејството и оние кои се изложени на ризик од бездомништво, насилство или економско исклучување. Тие често немаат пристап до безбеден дом, достоинствена здравствена услуга, правно признавање, заштита од насилство или работно место каде што нема да бидат понижувани.

Ранливи се и сиромашните граѓани и работниците кои немаат пари да водат долги постапки, кои не можат да си дозволат адвокат, кои се соочуваат со незаконити откази, социјална несигурност или административни лавиринти. За нив правдата често е прескапа, предалечна и предоцна достапна.

Затоа, кога зборуваме за најранливите групи, не зборуваме само за идентитети. Зборуваме за луѓе кои се оставени сами пред институции што треба да ги заштитат, но често ги игнорираат, ги одложуваат или ги понижуваат. Тоа е суштинскиот проблем.

Трн: Говорот на омраза онлајн станува сè погласен и почест. Дали државата воопшто сака да се справи со тоа, или е тоа политички непрофитабилно?

Уранија: Проблемот е што говорот на омраза одамна не е само спонтана појава на социјалните мрежи. Тој стана политичка алатка. Се користи за мобилизација, за дефокусирање од вистинските проблеми, за заплашување на малцинствата и за создавање лажни непријатели. Во тој контекст, да се справиш со говорот на омраза значи да се откажеш од една многу удобна политичка стратегија. Затоа прашањето не е дали државата има механизми, туку дали има волја.

Податоците што ги следи Хелсиншкиот комитет покажуваат дека говорот на омраза е особено силен во изборни периоди, околу политички кризи и околу настани со висока видливост на маргинализирани заедници, како што е Скопје Прајд. Кога ЛГБТИК+ луѓето стануваат видливи, многу брзо се активира цела машинерија на навреди, дезинформации, закани и повици на насилство. Тоа не е само „некултурен коментар“ – тоа е порака дека одредени луѓе не треба да постојат јавно.

Институционалниот одговор е слаб, бавен и недоволно јасен. Пријавите често не завршуваат со ефективна постапка, обвинителството ретко покажува проактивност, а јавноста не добива доволно информации за тоа кои случаи се процесуирани и како завршиле. Така се создава чувство на неказнивост. А кога омразата не се санкционира, таа се охрабрува.

Справувањето со говорот на омраза не значи цензура и не смее да се користи како изговор за ограничување на слободата на изразување. Но, слободата на изразување не е слобода да се повикува на насилство, да се дехуманизираат луѓе или да се создава атмосфера во која некој ќе се плаши да оди на работа, во училиште, на лекар или на улица.

Државата мора да покаже дека говорот на омраза има последици. Тоа значи ефикасно обвинителство, обучена полиција, судска пракса што ја препознава штетата, одговорност на јавните личности и политичарите, но и сериозна работа со медиумите и платформите. Во спротивно, пораката е многу јасна: омразата е дозволена сè додека е политички корисна.

Трн: Оваа година слоганот е „Сите нека знаат“. Тоа звучи повеќе како порака до мнозинството отколку до ЛГБТИК+ заедницата. На кого всушност им зборувате?

Уранија: Им зборуваме на сите. На институциите, на јавноста, на хомофобите и трансфобите, на политичарите, но пред сè и на ЛГБТИК+ луѓето кои се сами, исплашени или убедени дека мораат да молчат за да бидат безбедни.

Оваа порака е јасно артикулирана и во Манифестот на Скопје Прајд 2026, каде што „Сите нека знаат“ е поставено како бунт против тишината што на ЛГБТИК+ луѓето им се сервира како услов за безбедност и лажно прифаќање. Тоа е одбивање на срамот што општеството се обидува да им го наметне, но и јавно соочување со институционалното молчење и политичкото игнорирање на нивните права.

„Сите нека знаат“ е порака до институциите дека постоење на ЛГБТИК+ луѓето не може повеќе да биде игнорирано. Дека тоа не е тема што може да се стави под тепих, ниту група чии права може да се одложуваат затоа што не се политички приоритет. Кога институциите молчат пред насилство, дискриминација и говор на омраза, тоа молчење не е неутрално – тоа е соучество.

Тоа е порака и до мнозинството. ЛГБТИК+ луѓето не се некоја апстрактна група што постои далеку од нивниот живот туку се нивни деца, родители, браќа, сестри, пријатели, колеги, соседи, доктори, наставници, уметници, работници, клиенти, гласачи. Прашањето не е дали општеството ќе ги „дозволи“, туку дали конечно ќе се соочи со фактот дека неговата демократија се мери и преку нивниот живот.

Но, ова е и порака кон заедницата. Сите нека знаат дека не сте сами. Дека постои заедница, дека постојат избрани семејства, пријатели, простори на поддршка, луѓе што ќе ве разберат и ќе застанат со вас. Скопје Прајд е токму тоа – ден кога го заземаме јавниот простор не за да бараме посебни права, туку за да потврдиме дека животите на ЛГБТИК+ луѓето припаѓаат во јавноста исто колку и животите на сите други.

Нашата борба е политичка, но не партиска. Таа е интерсекционална, затоа што правото на ЛГБТИК+ луѓето да живеат без страв е поврзано со правото на сите луѓе да живеат достоинствено, без сиромаштија, насилство, корупција, институционално понижување и исклучување. Прајдот е борба за ЛГБТИК+ права, но и борба за демократија.

Трн: Слоганот „Сите нека знаат“ носи и еден потежок слој: видливоста за многу ЛГБТИК+ луѓе не е привилегија, туку товар и ризик. Дали Прајдот може истовремено да бара видливост и да ги заштити оние кои не можат да си ја дозволат?

Уранија: Мораме многу јасно да кажеме: Прајдот не може да ги заштити ЛГБТИК+ луѓето на начин на кој тоа треба да го прават институциите. Заштитата од насилство, бездомништво, дискриминација, говор на омраза, семејно насилство, полициска незаинтересираност или здравствено понижување е обврска на државата. Тоа не смее да биде товар што ќе падне на заедницата или на граѓанските организации.

Но, Прајдот може да направи нешто многу важно: може да покаже дека квир заедницата постои, дека ЛГБТИК+ луѓето кои сеуште се во „плакарот“ не се сами и дека молкот не е единствениот услов за преживување. За многу ЛГБТИК+ луѓе, особено за младите, за луѓето од помалите градови или за оние кои живеат во семејства и средини каде што постои реален ризик, јавното излегување не е лесна одлука. За некого може да значи губење дом, финансиска поддршка, безбедност, работа или семејство.

Затоа, како што се нагласува и во Манифестот на Скопје Прајд 2026, „Сите нека знаат“ не треба да се сфати како притисок или обрвска да се излезе јавно. Не треба да се сфати како мерка за храброст. Напротив, тоа е порака дека е во ред ако некој не е подготвен сега, оваа година или воопшто. Реалноста на младите ЛГБТИК+ луѓе, на заедницата во помалите градови и на сите оние за кои јавното признавање носи ризик по безбедноста мора да биде земена сериозно. Ние маршираме и за оние кои не можат.

Прајдот бара видливост како политички чин, но мора да ја почитува приватноста и безбедноста како лична реалност. Затоа е важно да зборуваме за заедница, за избрани семејства, за безбедни простори, за поддршка и за солидарност. Ние сакаме ЛГБТИК+ луѓето да знаат дека постои место каде што нивната вистина нема да биде казнета, туку примена со разбирање.

Ниту една општествена промена не дошла без отпор и без излегување од зоната на удобност. Но, неправедно е цената на таа промена секогаш да ја плаќаат оние кои се најмалку заштитени. Затоа одговорноста е двојна: ние како заедница да создаваме солидарност и видливост, а институциите конечно да создадат услови во кои таа видливост нема да биде ризик по животот, домот и достоинството.

Трн: Скопје Прајд оваа година го одржува своето седмо издание. Дали во тие седум години се сменило нешто конкретно и мерливо во животот на ЛГБТИК+ луѓето во Македонија, или сè уште маршираме за истите работи?

Уранија: Се сменило нешто, но не доволно. Се смени тоа што ЛГБТИК+ заедницата денес е повидлива, погласна и подобро организирана. Се смени тоа што постои Скопје Прајд како јавен, политички и заеднички чин на отпор. Се смени и тоа што веќе никој не може убедливо да тврди дека ЛГБТИК+ луѓето не постојат во ова општество. ЛГБТИК+ луѓето се тука, видливи и нема враќање назад во тишината што беше нудена како услов за безбедност. Во таа смисла, Прајдот постигна многу: создаде јавна видливост, заедничка храброст и политички јазик преку кој можеме да ги именуваме неправдите.

Како што се наведува во Манифестот на Скопје Прајд 2026, во последните години гледаме и уназадување. ЛГБТИК+ луѓето повторно се користат како жртвени јагниња за дефокусирање од вистинските проблеми што луѓето на власт одбиваат да ги решат. Кога општеството е погодено од сиромаштија, корупција, нефункционално здравство, небезбедни јавни простори и недоверба во институциите, најлесно е вниманието да се пренасочи кон измислен непријател. Во нашиот контекст, тој непријател премногу често се ЛГБТИ луѓето.

Ако прашањето е дали се променил системот доволно за ЛГБТИК+ луѓето да живеат без страв, одговорот е – не. Сè уште маршираме за многу базични права и слободи: за заштита од насилство, за ефективно санкционирање на говорот на омраза, за пристап до здравство без понижување, за безбедни домови, за работни места без дискриминација, за правно признавање на родот, за признавање на истополовите партнерства и семејства, за училишта во кои ЛГБТИК+ децата нема да бидат избришани или изложени на насилство.

Куриозитетот е што дури и политички и идеолошки спротивставени групи многу лесно се здружуваат кога треба да бидат „против“ ЛГБТИК+ луѓето. Во нив се вперува прстот како да се виновни за демографијата, за распадот на семејството, за „традиционалните вредности“, за сè што ова општество одбива искрено да го анализира. Тоа е опасна, но добро позната стратегија: кога власта нема решенија, произведува непријатели.

Затоа, одговорот е двоен. Да, ЛГБТИК+ луѓето се повидливи, похрабри и поповрзани. Но, не, не сме стигнале до точка каде што можеме да кажеме дека борбата е завршена. Сè уште маршираме за достоинство, безбедност и еднаквост. Сè уште маршираме за тоа институциите конечно да разберат дека нашите животи не се тема за одложување, преговарање или политичка трговија.

Скопје Прајд постои токму затоа што овие прашања сè уште не се решени. И додека не бидат решени, ќе продолжиме да излегуваме на улица – за нас, за оние кои не можат да излезат, и за општество во кое никој нема да мора да се крие за да преживее.

е-Трн да боцка во твојот инбокс