Најмалку 20 милиони деца во 10 земји веќе користат вештачка интелигенција, а според нова анализа на УНИЦЕФ, младите ја усвојуваат оваа технологија повеќе од три пати побрзо од возрасните.
Извештајот покажува дека AI алатките сè почесто се користат за домашни задачи, учење, но и за лични совети.Според податоците, околу 13 милиони деца користат вештачка интелигенција за учење и изработка на домашни задачи, додека повеќе од 2 милиони деца (околу едно од десет) се обраќаат на AI за совети поврзани со лични грижи и проблеми.
УНИЦЕФ предупредува дека ваквата брза примена на технологијата се случува многу побрзо од развојот на регулативите и безбедносните механизми. Агенцијата наведува дека децата се особено изложени на ризици, бидејќи AI системите се дизајнирани без доволна заштита за малолетници.
„Децата имаат помала можност да разберат или да се заштитат од начинот на кој нивните податоци се користат“, наведува УНИЦЕФ, додавајќи дека ефектите врз развојот и психолошкото здравје сè уште не се целосно познати.
Истражувањето покажува дека околу една третина од анкетираните деца се загрижени дека AI може да се користи за измами и ширење дезинформации, додека четвртина стравуваат од злоупотреба на нивни фотографии и видеа за создавање „deepfake“ содржини. УНИЦЕФ ги повикува владите и технолошките компании да вградат заштита на детските права во развојот на вештачката интелигенција, со посебен акцент на безбедност, приватност и психолошка добросостојба.
Организацијата предупредува дека моменталниот период е клучен: „Одлуките што се носат денес за AI ќе го обликуваат животот на децата со децении“, наведува УНИЦЕФ.