Германската десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) изработи детален план за разнебитување на Европската Унија, предвидувајќи референдум за излез на земјата доколку Брисел не ги прифати нивните барања. Лидерката Алис Вајдел најави претворање на Унијата во лабав сојуз на суверени држави доколку ја преземе власта во Берлин. Европските дипломати веднаш ги отфрлија предлозите како целосно неприфатливи, оценувајќи дека ваквиот потег значи директно уривање на европскиот поредок.
Планот што Вајдел го претстави пред европратениците во Стразбур предвидува институционална блокада на Брисел. Според германската десница, одлуките мора да се вратат исклучиво во националните парламенти и влади, со што целосно би се одзеле клучните овластувања на Европската комисија.
Документот содржи радикални мерки: укинување на директните избори за Европскиот парламент, укинување на Европскиот суд на правдата и негова замена со арбитражно тело, како и право на вето за секоја земја членка врз сите европски прописи. Покрај институционалното разнебитување, АфД бара итно намалување на германските уплати во заедничкиот буџет, откажување од зелените политики и враќање на моторите со внатрешно согорување.
Официјални претставници во европските институции ги оценија овие барања како политичка фантазија. Неименуван европски дипломат за британски Телеграф истакна дека Вајдел се однесува како „Алис во земјата на чудата“, додавајќи дека партијата нуди „алтернативна реалност“ со која повеќе не се победува на избори во Европа.
АфД отворено порачува дека доколку Брисел не се согласи на овие услови, Германија ќе распише референдум за напуштање на Унијата – таканаречен „Дексит“. Партијата истовремено инсистира на прекин на помошта за Украина и излегување од Шенген зоната доколку надворешните граници не се затворат херметички.
