Ноа Вајли е прогласен за најсекси маж на годината според магазинот „Пипл“

По три децении од улогата на доктор Картер во „Итна служба“, 55-годишниот актер доживува нова кариерна етапа со драмата „Пит“
Фото: Промо-слика од серијата Pitt/© MAX 2024

Американскиот актер Ноа Вајли е избран за најсекси маж на годината за 2026 година според магазинот „Пипл“. На 55-годишна возраст, три децении откако се прослави како младиот доктор Џон Картер во култната серија „Итна служба“, Вајли ја добива титулата во период кога ја води медицинската серија „Пит“ на платфромата „Ејч-би-о Макс“. Веста ја прими со неверување, сметајќи ја првично за шега, сè додека неговата сопруга Сара не го убеди да го прифати признанието.

Кога пристигнала веста за насловната страница, Вајли реагирал со сомнеж. Самиот актер вели дека ниту на сон не очекувал вакво признание на 55 години и дека мислел оти некој си поигрува со него. Пресудна улога одиграла неговата сопруга Сара, која го убедила дека токму неговата семејна посветеност и карактер заслужуваат јавно внимание.

На снимањето во Малибу, покрај професионалните кадри, Вајли покажа и дел од својата секојдневна домашна рутина. Сопругата Сара потврди дека актерот редовно готви за семејството, раскрева и ги мие садовите, што самиот тој го опишува како најефикасна терапија по напорните снимања.

Популарноста на медицинските драми трае со децении, уште од првите емитувања на „Итна служба“. За разлика од Џорџ Клуни, кој двапати ја понесе оваа титула и брзо замина во холивудскиот мејнстрим, Вајли остана силно поврзан со телевизиските проекти и реалните драми.

Таа врска е толку длабока што публиката често го меша со вистински лекар. Вајли раскажува за неодамнешна средба во ресторан, каде што гостинка по операција му ја покажала свежата рана на ногата барајќи мислење. Наместо да ја одбие, актерот погледнал и прокоментирал дека заздравувањето тече добро, на општо изненадување на неговата сопруга.

Актуелниот проект „Пит“ (The Pitt), чија трета сезона премиерно стартува во јануари на „Ејч-би-о Макс“, претставува втор голем кариерен бран за актерот. За улогата на доктор Роби, Вајли веќе освои две последователни Еми награди за најдобар актер во драма. Тој нагласува дека денес има многу поголема контрола и зрелост во справувањето со јавното внимание отколку на почетокот од кариерата, кога славата го затекна на 22-годишна возраст.


Покрај актерството, Вајли соработува со медицински работници и фондации кои им помагаат на вработените во здравствениот сектор. За него, автентичноста на лекарската професија останува најголем мотив за работата пред камерите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс