Државното обвинителство во Германија покрена истрага за измама против наставничка од Дисбург, откако било откриено дека речиси 17 години била на непрекинато боледување и редовно примала полн износ на плата без да одржи ниту еден наставен час. Случајот отвори сериозен скандал во јавноста бидејќи осомничената паралелно развивала сопствен успешен бизнис, додека германските јавни училишта со години бележат акутен недостиг од стручен наставен кадар.
Истрагата покажа дека наставничката имала статус на државен службеник (Beamte), што според германските закони гарантира висока заштита на работното место и континуирана исплата на личниот доход. По откривањето на аномалијата, регионалната влада нареди нејзино присилно пензионирање.
Таа одби да ја прифати одлуката и поднесе тужба до Управниот суд во Диселдорф. Барањето е да продолжи да ја прима активната плата наместо стандардната пензија, која според нејзиниот стаж и статус би изнесувала околу 4.000 евра месечно. Обвинителството сега бара ефективна затворска казна и враќање на 248.000 евра противправно присвоени буџетски средства.
Она што предизвика револт кај даночните обврзници е паралелниот ангажман на наставничката. Иако пред лекарските комисии и училишните власти се водела како целосно неспособна за работа во училница, таа истовремено развивала приватна линија на козметички производи. За овие претприемачки активности дури добила и официјална деловна награда.
Во официјалниот извештај стои дека за цели 17 години администрацијата не направила контрола која би утврдила дали дијагнозите соодветствуваат со нејзината реална психофизичка кондиција.
Случајот во Дисбург го разобличи отсуството на внатрешна контрола во германскиот образовен систем. Во моменти кога градовите во Северна Рајна-Вестфалија немаат доволно наставници за редовна настава, институциите со децении автоматски исплаќале јавни пари на сметка на отсутен работник.
