Кијану Ривс е новиот главен актер во претстојниот акционен филм „Maelstrom“ на Нетфликс. Тој ја презема улогата од Алан Ричсон, кој неочекувано го напушти проектот, додека режисерската палка останува кај Хауме Колет-Сера.
Кијану Ривс ја презема главната улога во акциониот филм на Нетфликс „Maelstrom“ од ѕвездата на серијата „Reacher“, Алан Ричсон, кој го напушти проектот од необјавени причини. Веста за промената на главниот актер прв ја објави Page Six, а Deadline ја потврди преку сопствени извори. Ниту Ричсон, ниту од Нетфликс досега не понудија објаснување зошто актерот се повлече од улогата.
Ричсон бил во преговори за главната улога уште од јули, кога Variety ја објави првичната информација, со оглед на тоа што претходно оствари голем успех со Нетфликс преку филмот „War Machine“. Режисерот Хауме Колет-Сера, кој е на чело на овој проект, претходно го режираше филмот „Carry-On“, кој се запиша меѓу најгледаните на стриминг платформите.
Филмот „Maelstrom“ во филмските кругови се опишува како „Умри машки во ураган“. Ривс во остварувањето ќе го толкува ликот на федерален маршал кој ја чува свршеницата на трговец со оружје. Таа во замена за докази против него бара заштита на сведоци.
Целокупната дејност во филмот се одвива во текот на само една ноќ. Додека трае разорна бура која ја прекинува секоја комуникација со надворешниот свет, главните ликови остануваат целосно изолирани без можност за доаѓање на појачање.
Сценариото за овој проект има долг историјат кој датира уште од 1993 година, кога настанал како замисла на покојниот сценарист Грегори Фицпатрик и продуцентот Џеф Робинов. Проектот првично му бил продаден на студиото Warner Bros. Робинов и понатаму останува во улогата на продуцент, додека сценариото го освежува Марк Бијанкули.
Од Нетфликс сè уште не откриваат официјален датум кога филмот ќе се појави пред публиката.
