Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, сè уште лично не сведочела пред Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО) во истрагата за набавката на вакцини против коронавирусот, објави бриселски „Политико“. Главната европска обвинителка Лаура Кодрута Ковеши, на која во петок ѝ завршува седумгодишниот мандат, потврди дека високи функционери во Брисел постојано ги игнорираат повиците на нејзиниот тим и испрати порака дека политичарите немаат право да се поставуваат над законот.
Случајот се фокусира на директната комуникација и размената на СМС-пораки меѓу Фон дер Лајен и извршниот директор на фармацевтската компанија „Фајзер“, Алберт Бурла, за време на преговорите за милионските договори за вакцини. ЕППО ја презеде истрагата од белгиските правосудни органи во 2024 година. Правните документи со кои располагаат европските медиуми покажуваат дека обвинителите ги истражуваат сомнежите за попречување на јавните функции, уништување СМС-пораки, корупција и судир на интереси.
Од Европската комисија тврдат дека институцијата целосно соработува со обвинителите. Портпаролот Томас Рение изјави дека Комисијата опсежно доставува податоци во име на претседателката, додавајќи оти Фон дер Лајен останува подготвена за одговори во согласност со нејзините службени должности и распоредот што го наложува нејзината функција. Сепак, формален исказ на четири очи сè уште нема.
На крајот од својот седумгодишен мандат на чело на ЕППО, романската обвинителка отворено проговори за пречките со кои се соочува нејзината институција при истражувањето на највисоките структури на власта во Европската Унија.
„Некои политичари мислат дека се над законот. Ако ве повикаат да дадете исказ, мора да се појавите“, истакна Ковеши, посочувајќи дека отпорот и избегнувањето на правдата директно го поткопуваат владеењето на правото кое Брисел декларативно го бара од сите земји.
ЕППО продолжува да работи на случајот, а исходот од оваа истрага ќе покаже дали европските правила за финансиска транспарентност важат еднакво за сите или запираат пред вратите на најмоќните функционери.
