Најмалку 200 деца загинале, а 806 биле повредени во израелските напади врз Либан од 2 март, соопшти Детскиот фонд на Обединетите нации – UNICEF. Според податоците на либанското Министерство за здравство, во просек секој ден биле убиени или повредени околу 14 деца.
Од прекинот на огнот договорен на 17 април, загинале најмалку 23 деца, додека 93 биле повредени. Од UNICEF предупредуваат дека покрај директните последици од бомбардирањата и воздушните напади, околу 770.000 деца во Либан се соочуваат со сериозни психолошки последици поради насилството, загубите и присилното раселување.
Организацијата наведува дека кај децата се забележуваат симптоми на трауматски стрес, страв, анксиозност, кошмари, нарушен сон и чувство на безнадежност. Според UNICEF, без навремена психолошка и социјална поддршка, постои висок ризик овие проблеми да прераснат во долгорочни ментални нарушувања.