Унгарија протерува 10 руски дипломати: Москва најави „остар и болен“ одговор

Будимпешта тврди дека дипломатите биле вклучени во активности неприфатливи според Виенската конвенција, но не открива за што точно станува збор

Унгарија донесе одлука за протерување на 10 членови на руската дипломатска мисија во земјата, поради активности кои унгарските власти ги оцениле како неприфатливи за дипломати според Виенската конвенција. Одлуката му била соопштена на рускиот амбасадор, а ја потврди министерката за надворешни работи Анита Орбан.

„Според проценката на унгарските власти, 10 членови на руската мисија учествувале во активности во Унгарија кои се неприфатливи за дипломати според Виенската конвенција“, изјавила Орбан.

Министерката не открила за какви активности станува збор, ниту дала рок во кој руските дипломати треба да ја напуштат земјата.

Будимпешта не сака прекин на односите со Москва

И покрај протерувањето, унгарската влада нагласува дека одлуката не значи прекин на дипломатските односи со Русија.

„Оваа одлука ја штити безбедноста и суверенитетот на Унгарија. Таа не подразбира прекин на дипломатските односи со Русија. Унгарија има намера да продолжи со неопходниот дијалог, заснован на меѓусебно почитување и почитување на правилата“, навела Орбан во соопштението.

Одлуката доаѓа во период кога владата на премиерот Петер Маѓар се обидува да направи отклон од досегашната политика на Будимпешта кон Москва.

Москва најави одмазднички мерки

Русија најави дека ќе возврати на протерувањето на дипломатите. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, за руската државна агенција ТАСС изјавила дека одговорот ќе биде „остар и болен“. Руското Министерство за надворешни работи претходно, во изјава за РИА Новости, најавило дека Москва ќе преземе соодветни мерки по одлуката на Будимпешта.

Односите меѓу Унгарија и Русија во изминатите години беа специфични во рамките на Европската Унија. Поранешниот премиер Виктор Орбан беше близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин и повеќепати се спротивставуваше или го одложуваше усвојувањето на европски мерки и санкции против Москва.

Унгарија воедно склучуваше значајни енергетски договори со Русија, особено во областа на снабдувањето со гас и нуклеарната енергија. Новата влада на Петер Маѓар најави промена на курсот и поголемо усогласување со европската политика кон Русија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс