Обидот за бришење на биографијата на македонската аналогна астронаутка Мартина Димоска од Википедија предизвика едномесечна битка меѓу уредниците, завршувајќи со одлука страницата засега да остане, но со сериозно предупредување. Случајот, кој го истражуваше американското списание Wired, покажува колку дигиталната валидација стана престижен трофеј за кој се водат вистински онлајн војни, дури и кога зад нив стојат лични пресметки од локалната средина.
Секој ден десетици биографии на живи луѓе се бришат од Википедија под образложение дека нивните субјекти не се доволно релевантни. Википедија има над 7 милиони статии на англиски јазик, но волонтерските капацитети за проверка на фактите се ограничени. Уредниците не пресудуваат за нечија вредност, туку исклучиво бараат веродостојни секундарни извори.
Кога Мартина Димоска, која работи како аналогна астронаутка и научна комуникаторка, објави на Фејсбук дека добила своја страница на платформата, реакцијата следеше за помалку од 24 часа. Нејзината еуфорична порака стигна до македонскиот економист Кирил Симеоновски, кој уредува содржини на Википедија уште од 2008 година. За Симеоновски, брзината со која Димоска ја сподели страницата беше сигнал за недозволен конфликт на интереси и самопромоција. Тој веднаш покрена официјална уредничка дебата за бришење на статијата, оспорувајќи ја тежината на нејзините достигнувања и квалитетот на приложените извори.
Симеоновски пред уредничката заедница тврдеше дека профилот на Димоска претставува обичен список на пренагласени лични успеси, потпрен на објави од социјалната мрежа LinkedIn. Наместо стандардна уредничка дискусија, страницата за расправа брзо стана арена за бизарни напади. Нови кориснички сметки, создадени со имиња кои алудираат на семејството на Симеоновски, почнаа јавно да го напаѓаат уредникот.
Анонимен уредник од Скопје подоцна додаде 32 нови извори со цел да ја спаси биографијата, но Симеоновски детално ги оспори. Тој посочи дека како престижни светски медиуми се наведувале локални портали со слично име, додека главен аргумент за важност било спомнувањето во македонски изборен учебник за деветто одделение. Димоска негираше било каква поврзаност со уредувањето или со луѓето што ја бранеа нејзината страница, иако потврди дека со Симеоновски имале претходни дигитални контакти на социјалните мрежи.

По еден месец исцрпувачка расправа, администраторите пресекоа. Биографијата на Димоска не беше избришана, но остана исклучиво поради процедурално правило за отсуство на јасен консензус, оптоварено со сериозни сомнежи за манипулација преку лажни сметки. Како компромис, на самиот врв на страницата беше поставена официјална ознака дека текстот содржи промотивен материјал.
Случајот го оголи феноменот што ги мачи современите институции и медиуми: присуството на Википедија одамна престана да биде неутрален индекс на знаење. За многумина, посебно во помали општества, тоа претставува печат за веродостојност што подоцна отвора врати за медиумски настапи, експертски ангажмани и спонзорства. Ситуацијата носи дополнителна иронија со оглед на тоа што и самиот Симеоновски, при своето зачленување во заедницата во 2008 година, најпрвин се обидел да создаде страница за себе, која администраторите веднаш му ја избришале.

