Никогаш пожешко: Унгарија измери рекордни 42°C, властите апелираат да се штеди вода

Унгарија го собори националниот температурен рекорд со измерени 42°C. Во Будимпешта исто така е регистрирана највисока температура досега, а повеќе од 120 општини воведоа ограничувања за вода.

Унгарија денеска го забележа најтоплиот ден во својата историја, откако метеоролозите измерија рекордни 42 степени Целзиусови, со што беше соборен досегашниот национален рекорд од 41,9°C поставен во 2007 година.

Рекордната температура е измерена во Сечењ, во северниот дел на земјата, во близина на границата со Словачка, соопшти унгарската метеоролошка служба.

Според метеорологот Ана Кунтар-Молнар, прелиминарните податоци покажуваат дека е соборен и температурниот рекорд во главниот град. Во Будимпешта се измерени 41°C, што е повеќе од претходниот рекорд од 40,7°C, исто така поставен во 2007 година.

Како и голем дел од Европа, Унгарија е погодена од исклучително силен топлотен бран. Од викендот во земјата е во сила највисокото ниво на предупредување за екстремни горештини.

Премиерот Петер Маѓар ги повика граѓаните, каде што е можно, да работат од дома и да ја ограничат потрошувачката на вода само на неопходните потреби.

Повеќе од 120 општини веќе воведоа мерки за ограничување на користењето вода поради екстремните температури.

Топлотниот бран што минатата недела ги зафати западна, централна и јужна Европа, каде што беа регистрирани рекордни температури и стотици жртви, сега се шири и кон источниот дел на континентот, при што рекордни вредности веќе се измерени во Унгарија и Србија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс