Украина со рекорден број напади врз руските рафинерии: најмалку 21 удар во август

Украинските напади сериозно го намалуваат рускиот капацитет за производство на гориво, а преработката на нафта е на едно од најниските нивоа во последните две децении.

Украина во август извршила најмалку 21 напад врз руски рафинерии за нафта, што претставува рекорден број напади врз рафинериски капацитети во еден месец, објави „Блумберг“.Според пресметките на агенцијата, меѓу целите биле четири од десетте најголеми рафинерии во Русија, кои се клучни за снабдување со гориво на густо населените и индустриски развиени региони.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека Киев ќе ги засили нападите со беспилотни летала длабоко на руска територија. „Задачата е илјада дронови дневно за напади со долг дострел врз Русија. Моментално извршуваме во просек повеќе од 300 такви напади со долг дострел, оваа бројка мора да се зголеми“, рече Зеленски во вечерното видеообраќање.

Рафинирањето падна за повеќе од 20 отсто

Засилените украински напади веќе имаат последици врз рускиот пазар на горива. Според податоци цитирани од „Блумберг“, производството и испораките на бензин во првите три недели од август биле речиси 20 отсто пониски отколку во истиот период минатата година. Аналитичката компанија EA Analytics проценува дека руското рафинирање моментално е блиску до најниското ниво во повеќе од две децении.

Во август руските рафинерии преработувале нешто повеќе од 3,8 милиони барели нафта дневно. Вообичаено, во летните месеци Русија преработува околу 5,3 до 5,5 милиони барели дневно. EA Analytics очекува делумно закрепнување во септември, до околу 4,2 милиони барели дневно, но под услов украинските напади да не продолжат со сегашниот интензитет.

Проблемите траат со месеци. Во јули руските рафинерии преработувале околу 3,6 милиони барели дневно, што било најниско ниво од мај 2002 година.

Не се гаѓаат само резервоари

Украинските напади се насочени и кон сложени технолошки единици во рафинериите, вклучително и постројки за хидрокрекинг и каталитичко реформирање, кои се важни за производство на бензин и дизел. Оштетувањето на ваквата опрема може да предизвика подолги прекини во работењето, бидејќи поправките често бараат специјализирана опрема и резервни делови.

Последиците се чувствуваат и на извозниот пазар. Русија веќе го ограничува извозот на одредени горива за да го стабилизира домашното снабдување. Намалените руски залихи на дизел влијаат и врз меѓународната трговија. Турција, на пример, во август значително го зголемила увозот на горива од САД и Индија.

Москва е исправена пред логистички проблем

Украина ја напаѓа руската нафтена инфраструктура со цел да ги намали приходите на Москва и да го отежне снабдувањето со гориво на руската армија.За Русија, проблемот не е само финансиски. Земјата продолжува да произведува големи количини сурова нафта, но доколку домашните рафинерии немаат доволно капацитет, Москва мора да го зголеми извозот на суровината или да го намали производството.

Во јули, поради намалениот капацитет на рафинериите, Русија веќе беше принудена да извезува речиси рекордни количини сурова нафта.

Со тоа украинските удари создаваат притисок врз еден од клучните делови на руската економија – врската меѓу производството на сурова нафта и обезбедувањето бензин, дизел и авионско гориво за домашниот пазар, индустријата и армијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс