Операцијата, наречена „МоЛоЧКа”, е дел од поширок украински напор да го изолира окупираниот полуостров Крим и да ги намали приходите на Москва од извозот на нафта.
„Флотата во сенка” претставува мрежа од илјадници стари танкери, кои под нејасни сопственички структури и туѓи знамиња, ѝ овозможуваат на Русија да продолжи со извозот на нафта и покрај западните санкции. Индустриски проценки покажуваат дека таа флота нараснала на над 1.500 танкери. Украина тврди дека овие бродови директно го финансираат воениот напор на Москва, што ги прави легитимни воени цели.
Операцијата започна со напади на два танкери на 6 јули, по што следеа поголеми бранови напади. На 7 јули, украинските дронови погодија 10 пловила, вклучувајќи осум танкери кои достaвувале гориво до окупираниот Крим. Само еден ден подоцна, командантот на Силите за беспилотни системи на Украина, Роберт „Маѓар” Бровди, објави дека погодиле уште девет танкери, доведувајќи го вкупниот број на 21 пловило за само 72 часа. Најголемиот бран напади беше на 11 јули, кога дроновите погодија 21 танкер и седум други пловила во една единствена ноќ, вкупно 73 успешни удари.
A Russian vessel is burning in the Sea of Azov after a Ukrainian drone strike. pic.twitter.com/iEEGwyZuZr
— Open Source Intel (@Osint613) July 15, 2026
Бровди изјави дека „флотата во сенка забележливо се намалува”, додавајќи дека сообраќајот низ теснецот Керч изгледа целосно запрен. Рускиот регионален гувернер на областа Ростов, Јуриј Слусар, потврди дека неколку танкери биле оштетени во заливот Таганрог, но нагласи дека немало истекување на нафта, бидејќи пловилата патувале без товар.
Операцијата се случува паралелно со поширока, 40-дневна стратешка кампања, овластена од претседателот Володимир Зеленски, насочена кон деградирање на руските воени капацитети преку напади врз енергетска инфраструктура, логистички центри и одбранбени објекти. Само во периодот од 1 до 8 јули, украинските сили погодиле 50 енергетски објекти во окупираните територии.
Украина претходно ја одбрани легитимноста на овие напади пред Меѓународната поморска организација, тврдејќи дека дејноста на танкерите не може да се смета за обична комерцијална операција, туку за критичен извор на буџетски приходи за продолжување на руската агресија.