Не е важно само колку седите, туку дали воопшто станувате од стол

Секој час непрекинато седење го зголемува ризикот од смрт од рак за девет отсто, но само пет минути движење прават пресврт.

Начинот на кој се акумулира седењето во текот на денот има пресудно влијание врз смртноста од малигни заболувања, покажува обемно меѓународно истражување предводено од Универзитетот во Глазгов. Анализата на податоци од над 91.000 возрасни лица докажува дека секој дополнителен час непрекинато седење го зголемува ризикот од смрт од рак за девет отсто. Клучната разлика не е само во вкупното време поминато на стол, туку во тоа колку често го прекинувате.

Истражувачкиот тим следеше 91.292 испитаници во Велика Британија кои носеа уреди за мерење на движењето на зглобот седум дена без престан. Податоците потоа беа споредени со националните здравствени регистри во период од повеќе од 12 години.

Резултатите објавени во научното списание „PLOS Medicine“ покажуваат јасна разлика меѓу две навики: долго седење во еден здив и седење испрекинато со кратки паузи. Секој час поминат во непрекинато мирување подолго од 30 минути носи девет отсто поголем ризик од смртен исход од рак.

Спротивно на тоа, секој час во кој седењето било фрагментирано и редовно прекинувано со станување се поврзува со 18 отсто помал ризик од истата последица. Самото седење носи сосема спротивен биолошки ефект во зависност од тоа дали телото останува заковано за стол или повремено прави чекори.

Студијата нуди прецизна математика за секојдневието. Замената на само пет минути непрекинато седење со интензивна физичка активност дневно се поврзува со 22 отсто помал ризик од смрт од рак.

Доколку интензивниот тренинг не е изводлив во канцелариски услови, дури и обичното одење или лесна домашна работа имаат ефект. Замената на еден час долго седење со еден час лесно движење го намалува ризикот од смрт од рак за 12 отсто, додека 30 минути умерено движење го намалуваат за осум отсто.

Врската меѓу непрекинатото мирување и појавата на самиот рак е исто така присутна, со пораст од три отсто по дополнителен час, но врската со смртноста е значително поизразена. Авторите напоменуваат дека студијата е опсервациска и докажува силна статистичка поврзаност, а не директна причинско-последична врска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс