Украина, заедно со европски партнери, гради прототип на противракетниот систем Freyja и планира да биде готов до средината на 2027 година. Проектот официјално започна на самитот во Париз пред две недели, каде учествуваа лидери на десет европски земји, меѓу кои и украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и претставници на десетина производители на оружје.
Давид Алоан, заменик-секретар на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана кој го надгледува проектот, најави дека наскоро ќе се одржи прв состанок на меѓународен одбор. Одборот ќе ги процени трошоците за истражување и развој.
Проектот доби име Freyja. Официјално е лансиран пред две недели во Париз.
„Работиме со многу амбициозни рокови и цел ни е до средината на следната година да имаме минимално одржлив производ“, изјавил Алоан. Станува збор за прототип кој веќе може да даде први практични резултати, додал тој.
Украина во моментов зависи речиси целосно од американскиот систем Patriot, единственото оружје во нејзиниот арсенал што може да пресретнува руски балистички ракети. Испораките се, меѓутоа, неизвесни поради политичка нестабилност, ограничени залихи и долг производствен циклус.
Русија овој месец ги засили нападите со балистички ракети врз Киев и пристаништето Одеса. Лансирала десетици ракети. Украина не успеа да ги пресретне повеќето, поради недостиг на доволно одбранбени системи.
Претседателот Зеленски овој месец го опишал украинскиот придонес во проектот како „прашање на тестирање“ и изразил надеж дека системот ќе стане оперативен во рок од една година.
Зеленски ја споредил коалицијата Freyja со Лего коцки, бидејќи спојува компоненти на водечки одбранбени компании. Според Алоан, производителите добиле задача да развијат рамка со модуларни, заменливи делови.
„Логиката на целиот систем е отворена архитектура“, вели тој. „Ако Данска сака Freyja со дански радар Weibel, тоа е возможно. Ако Шведска сака систем со компоненти на Saab, ни тоа не е проблем.“
До проектот засега пристапиле компаниите Eurosam, производител на системот SAMP-T, како и Leonardo, Thales и Saab.
Главен индустриски партнер во проектот е украинскиот производител на ракети и дронови Fire Point, кој претходно го разви крстосувачкиот проект Flamingo. Минатиот месец компанијата склучи договор со германскиот производител Hensoldt за испорака на радари.
Алоан вели дека се разгледува основање посебно тело, можно и фонд, преку кое ќе се насочуваат сите придонеси заради стабилно финансирање. Се надева дека директното учество на компаниите заедно со владите ќе помогне во намалување на бирократијата. „Коалицијата треба да биде практична, а не политичка“, заклучува тој.