Замката кај Новоросијск: Како Украина ја докрајчува руската флота?

Повлекувањето од Севастопол во Новоросијск не ја спаси Црноморската флота од ударите врз фрегатите со ракети Калибр.
Фото: Wikimedia Commons/Narfu (CC BY-SA 3.0)

Украинските одбранбени сили продолжуваат со напади врз руските воени бродови во пристаништето Новоросијск, користејќи домашни проектили Нептун и дронови. Москва претходно го напушти Севастопол на окупираниот Крим поради тешки загуби, но новата поморска кампања покажува дека ниту руската територија веќе не нуди сигурно засолниште за пловилата од кои се истрелуваат крстосувачки ракети врз украинските градови.

Во текот на ноќта меѓу 8 и 9 септември, украинските сили изведоа нов комбиниран напад со беспилотни летала и крстосувачки ракети Нептун врз пристанишната инфраструктура во Новоросијск. Анализата на ОСИНТ-заедницата Плитка, која ја пренесе Украинска Правда, потврдува дека главна мета биле руските фрегати Адмирал Есен и Адмирал Макаров.

Овие два брода се примарни платформи за лансирање на ракетите Калибр, со кои руската војска редовно гаѓа цивилни и енергетски цели низ Украина. Операцијата ја водат повеќе украински безбедносни агенции, со јасна цел: целосно оневозможување на преостанатите капацитети на Црноморската флота.

Повлекувањето кон Новоросијск следеше откако руската команда сфати дека Крим повеќе не е безбеден. Пресвртот започна на 13 септември 2023 година, кога проектили Сторм Шадоу го погодија бродоградилиштето Севморзавод во Севастопол.

Во тој напад беа уништени големиот десантен брод Минск и подморницата Ростов на Дон, а само девет дена подоцна беше урнат и главниот штаб на флотата. Овие загуби ја принудија Москва постепено да ги дислоцира највредните бродови подалеку кон исток, на сопствена територија.

Преместувањето во Новоросијск само ја продолжи линијата на фронтот на вода, без да ја отстрани опасноста. Со зголемениот дострел на проектили од домашно производство и употребата на поморски дронови, украинската армија покажа дека може да ги следи и погодува бродовите на секоја точка во Црното Море. Руската флота е принудена да дејствува дефанзивно, ограничена во пристанишните докови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс