Украина им оддава почит на четирите милиони жртви на Гладоморот од 1932 година

Граѓаните традиционално палат свеќи во своите домови и одржуваат едноминутен молк во 16 часот во знак на сеќавање на вештачки предизвиканиот глад
Фото: Flickr/Jorge Lascar

Украина денеска го одбележува Денот на сеќавање на жртвите од Гладоморот. Според официјалните украински податоци, вештачки предизвиканиот глад од 1932 и 1933 година однел околу четири милиони животи, а властите во Киев и повеќе други држави го признаваат овој настан како геноцид врз украинскиот народ спроведен од владата на советскиот диктатор Јосиф Сталин.

Денот на сеќавање на жртвите од Гладоморот во Украина се одбележува секоја година во четвртата сабота од ноември. Низ целата земја се организираат комеморативни настани, граѓаните палат свеќи на прозорците во своите домови, а во 16 часот се одржува едноминутен молк на национално ниво.

Во текот на 20 век Украина се соочила со три големи периоди на глад: во 1921-1923, 1932-1933 и 1946-1947 година. Најсмртоносен бил 22-месечниот глад во 1932 и 1933 година, кој му претходел на присилната колективизација на земјоделските имоти и кампањата позната како „декулакизација“. Таа опфаќала масовна репресија, конфискација на имот и депортации насочени кон поимотните и независни селани, нарекувани „кулаци“, и нивните семејства.

Советските власти го одземале житото што го одгледувале украинските земјоделци, по што им ги одзеле и преостанатите резерви на храна преку бројни „казни во натура“ и претреси на нивните домови. Во декември 1932 година, трговијата со храна била целосно забранета во 82 окрузи во Украина, а истовремено била запрена и испораката на индустриски производи.

Според податоците на Украинскиот институт за национално сеќавање, децата биле особено тешко погодени од гладот. Во септември 1933 година, речиси две третини од учениците не се вратиле во училишните клупи. Најпогодени од трагедијата биле регионите Полтава, Черкаси, Кировоград и Киев.


Децении наназад темата за Гладоморот била строго забранета под комунистичката власт, при што било казнувано дури и самото споменување на гладот. Научните истражувања за размерите на трагедијата започнале дури кон крајот на 1980-тите години, непосредно пред распадот на Советскиот Сојуз.

е-Трн да боцка во твојот инбокс