Црна Гора планира минимална плата до 1.400 евра, ММФ предупредува на висок долг

Владата во Подгорица го усвои буџетот за 2027 година со нов економски модел кој целосно ги укинува придонесите за пензиско осигурување.

Владата на Црна Гора го утврди Предлог-буџетот за 2027 година заедно со новиот „Евро модел“, со кој минималните плати од 1 јануари треба да пораснат од сегашните 600 и 800 евра на 1.000, 1.250 и 1.400 евра во зависност од степенот на образование. Премиерот Милојко Спајиќ тврди дека мерката ќе го запре иселувањето на младите, додека Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и домашните економисти предупредуваат на инфлација, буџетски дефицит и ризик од губење работни места.

Предлог-буџетот за следната година, усвоен речиси две недели по законскиот рок, е проектиран на повеќе од пет милијарди евра. Според првичните проценки, за негово финансирање ќе недостасуваат најмалку 1,8 милијарди евра, а буџетскиот дефицит би достигнал околу 540 милиони евра, односно шест проценти од проценетиот бруто-домашен производ (БДП). Ова ниво е двојно повисоко од критериумите од Мастрихт на Европската Унија, кон која Црна Гора се стреми да се приклучи до 2028 година.

Меѓународниот монетарен фонд оцени дека „Евро моделот“ краткорочно може да го забрза економскиот раст, но по цена на повисока инфлација, зголемување на буџетскиот дефицит на девет проценти од БДП и раст на јавниот долг до 72 проценти од БДП. Овие предупредувања доаѓаат во период кога економскиот раст на земјата забавува на околу три проценти годишно.

Црногорските работодавачи посочија дека поради наглото зголемување на трошоците за труд, без работа би можеле да останат до 18.000 работници. Економскиот аналитичар Милош Вуковиќ нагласува дека ниту една европска држава не вовела вакви промени во еден ден без претходни фискални анализи, студии на влијание и преодни периоди. Тој предупредува дека законот може да пропише минимална плата, но не може да ја зголеми продуктивноста, па разликата ќе ја платат потрошувачите преку повисоки цени, работниците преку откази или исплати на рака, а државата преку нови задолжувања.

Новиот пакет мерки го означува завршниот чекор во укинувањето на придонесите на плати, процес започнат со претходните владини програми „Европа сега 1“ и „Европа сега 2“. По претходното укинување на придонесите за здравствено осигурување, сега се предвидува целосно укинување и на придонесите за пензиско осигурување, со што Фондот за пензиско и инвалидско осигурување останува без сопствен извор на приходи.

„Без придонеси, пензијата престанува да биде стекнато право и станува буџетска ставка. Премиерот вели дека државата ги гарантира пензиите. Државната гаранција не е извор на приходи, туку ветување дека секоја идна влада ќе најде пари за нивна исплата“, изјави економскиот аналитичар Милош Вуковиќ.

Пензионерите, според најавите, првото зголемување на пензиите ќе го добијат во април следната година, а дотогаш е предвидена еднократна помош од 100 евра на крајот од тековната година.

Црна Гора еднострано го воведе еврото како официјално платежно средство во 2002 година, но сè уште не е формална членка на еврозоната ниту на Европската монетарна унија. Бидејќи нема сопствена валута и монетарна политика за управување со девизниот курс, секој буџетски недостиг државата мора да го покрива исклучиво преку задолжување.


Европската Унија во мај годинава воспостави посебен модел за проценка на подготвеноста на Црна Гора за пристапување кон еврозоната. Овој механизам ја оценува одржливоста на целата економија, вклучувајќи ја зависноста од странски капитал, влијанието на растот на платите и цените врз конкурентноста, како и отпорноста на банкарскиот сектор на надворешни шокови. Премиерот Милојко Спајиќ, кој го претстави „Евро моделот“ на 17 септември, и покрај критиките од опозицијата и економистите, останува на ставот дека мерката ќе им овозможи на граѓаните животен стандард споредлив со европскиот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс