Пред Трговскиот суд во Милано денеска се одржа рочиште по колективната тужба поднесена против платформите Facebook, Instagram и TikTok, во која италијански родители и организацијата MOIGE бараат посилна заштита за малолетниците на интернет.
Тужбата ја поднеле непрофитната организација Movimento Italiano Genitori (MOIGE) и група семејства, кои бараат судот да ги обврзе платформите да воведат построги системи за проверка на возраста кај корисниците помлади од 14 години.
Според тужителите, околу 3,5 милиони деца на возраст од седум до 14 години во Италија нелегално користат социјални мрежи, и покрај правилата за минимална возраст. Родителите сметаат дека компаниите не преземаат доволно мерки за реална контрола на возраста и изложуваат деца на потенцијално штетни содржини и алгоритми.
Во тужбата се бара и отстранување на, како што ги нарекуваат, „манипулативни алгоритми“ кои се дизајнирани да го зголемат времето поминато на платформите и ангажманот на младите корисници.
Дополнително, од платформите се бара да обезбедат транспарентни информации за можните последици од прекумерната употреба на социјалните мрежи врз менталното и однесувачкото здравје на децата.
Од Meta Platforms и ByteDance преку своите адвокати ги оспориле барањата и надлежноста на италијанските судови да одлучуваат за нивното работење. Компаниите, исто така, ги оспориле и новите документи поднесени од правниот тим на MOIGE, во кои, според тужителите, се покажува дека фирмите биле свесни за потенцијално штетните ефекти на алгоритмите врз малолетниците.
Адвокатите на родителите тврдат дека станува збор за прашање од јавен интерес и јавно здравје, поради што побарале забрзана постапка.
Од Meta и TikTok, пак, соопштиле дека строго ги применуваат правилата за заштита на менталното и бихевиоралното здравје на младите корисници и дека проактивно отстрануваат повеќе од 99 проценти од содржините што ги прекршуваат нивните политики.
Случајот повторно ја отвори европската дебата за влијанието на социјалните мрежи врз децата, особено во време кога сè повеќе држави бараат построги регулативи и ограничувања за користење дигитални платформи од страна на малолетници.