Туризмот на Куба се распаѓа: Бројот на туристи падна за 62 отсто, летови се укинуваат, градовите пустеат

Куба бележи драматичен пад на туризмот. Во првите седум месеци островот го посетиле 419.000 туристи, 62 отсто помалку од лани, поради продлабочената економска криза и американските санкции.

Куба се соочува со драматичен пад на туризмот. Во првите седум месеци од 2026 година островот го посетиле само 419.000 туристи, што е 62 отсто помалку во споредба со истиот период минатата година, кога биле регистрирани околу 1,1 милион посетители.

Падот е особено тежок за кубанската економија, која со децении во голема мера се потпира на приходите од туризмот. Според официјалните податоци објавени од Националниот завод за статистика и информации (ONEI), кризата веќе е видлива и на самите туристички дестинации. Хотели, хостели и дел од приватното сместување се затворени, додека странските туристи стануваат сè поретка глетка на плажите, во продавниците и на познатите туристички места.

Од милиони туристи до празни туристички центри

Туризмот со децении беше еден од главните извори на приходи за Куба. Пред пандемијата, земјата бележеше милиони странски посетители годишно. Во 2019 година Куба ја посетиле околу 4,3 милиони туристи, а приходите од туризмот во најдобрите години достигнувале околу три милијарди долари.

Сега секторот се соочува со сериозен удар, во услови на поширока економска криза, инфлација и недостиг на енергенси.

Американскиот притисок дополнително ја продлабочи кризата

Ситуацијата дополнително се влошила по засилувањето на американскиот притисок врз Куба. Во јануари, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови мерки поврзани со снабдувањето на Куба со нафта и други енергенси, со цел да изврши притисок врз кубанските власти за промена на политичкиот и економскиот курс.

Во периодот од мај до јули биле воведени и дополнителни санкции насочени кон туристичкиот сектор. Мерките вклучуваат финансиски ограничувања и забрани за одредени деловни активности поврзани со американскиот финансиски систем. Според извештаите, последиците ги почувствувале и меѓународни хотелски компании кои со години работеле на Куба, меѓу кои Meliá, Iberostar и Royalton.

Укинати летови и проблеми со плаќањата

Кризата се прелева и во авионскиот сообраќај. Дел од големите авиокомпании ги прекинале или намалиле летовите кон Куба, откако кубанските власти соопштиле дека авионите повеќе не можат да обезбедуваат гориво на островот. Меѓу компаниите што ги прекинале летовите се наведуваат World2Fly, Air France, Turkish Airlines и Iberia.

Дополнителен удар за туристите и туристичкиот сектор е ограничувањето на користењето на меѓународните платежни системи Visa и Mastercard, што ги отежнува секојдневните трансакции на странските посетители.

Така, земјата која пред само неколку години привлекуваше милиони туристи сега се соочува со празни туристички центри, затворени сместувачки капацитети и драматично намалување на бројот на странски посетители.

е-Трн да боцка во твојот инбокс