Турските власти воведоа привремена забрана за капење на повеќе плажи долж брегот на Црното и Мраморното Море поради опасни услови во морето. Причина за мерката се силните ветрови, високите бранови и подводните струи кои претставуваат сериозен ризик за посетителите.
Меѓу погодените е и познатото летувалиште Шиле, во близина на Истанбул, каде што пристапот до морето е забранет на поголемиот дел од плажите. Исклучок се само плажите Ајазма и Агва, каде што засега е дозволено капење.
Слични ограничувања се воведени и во крајбрежните градови Текирдаг, Коџаели и Киркларели, како и во повеќе провинции на брегот на Црното Море, меѓу кои Трабзон, Орду, Гиресун, Ризе, Артвин и Самсун.
Според турската метеоролошка служба, забраните не се последица на врнежи, туку на неповолните морски услови кои можат да бидат опасни за капачите. Локалните власти ги повикуваат граѓаните и туристите да ги почитуваат безбедносните препораки и да не влегуваат во морето додека забраните се во сила.