20 години танцуваме на „I Don’t Feel Like Dancin’“

Интересно е тоа што еден од најголемите денс хитови на 2000-тите се вика „I Don’t Feel Like Dancin’“.

Песната на Scissor Sisters е објавена во 2006 година како прв сингл од нивниот втор албум „Ta-Dah“,
а 20 години подоцна сè уште го прави токму спротивното од она што го кажува насловот – ве тера да танцувате.

Зад песната стојат Jake Shears, односно Jason Sellards, Scott „Babydaddy“ Hoffman и Elton John. Да, и Elton John е еден од авторите, а свири и пијано на оригиналната снимка.

Диско, глам, поп, пијано, фалсетот на Shears и звук што како да доаѓа директно од седумдесеттите – сè што Scissor Sisters беа во тој период е собрано во една песна.

Песна што ги наполни подиумите

„I Don’t Feel Like Dancin’“ звучи како да е направена викенд излегувања. Текстот, сепак, е спотивното од тоа.

Ликот во песната нема желба за уште една вечер да танцува на подиумот. Зад веселиот ритам на песната сепак се крие некое чувство на осаменост и едноставна желба вечерта да се помине поинаку.

Уште во 2006 година, SPIN го забележува тој контраст и пишува за меланхолијата скриена под сјајната продукција на „Ta-Dah“, опишувајќи ја „I Don’t Feel Like Dancin’“ како одбивање на повикот на ноќниот живот.

Музиката вели: стани и танцувај.

Текстот вели: не денес.

И публиката, очигледно, ја послуша музиката.

Од њујоршките queer клубови до врвот на топ-листите

Приказната на Scissor Sisters не почнува на големите фестивалски бини.

Бендот израсна од queer underground сцената на Њујорк, со настапи по геј клубови и мали барови, долго пред нивните песни да стигнат до радијата и светските топ-листи. Jake Shears беше отворено геј во период кога таквата видливост во мејнстрим поп-музиката сè уште не беше вообичаена.

Но Scissor Sisters не сакаа да бидат сведени само на етикетата „геј бенд“. Не ја криеја својата queer идентичност, но идејата беше нивната музика и нивните забави да бидат отворени за сите.

Babydaddy години подоцна тоа ќе го опише едноставно: не „queer party“, туку „everything party“.

Токму тоа можеби најдобро го објаснува патот на Scissor Sisters. Бенд кој тргна од њујоршките queer клубови не ја остави таа приказна зад себе за да влезе во мејнстримот. Влезе во него таков каков што беше.

А во 2006 година стигна и до самиот врв.

Четири недели број еден на листите

„I Don’t Feel Like Dancin’“ стигна до првото место на британската топ-листа и таму остана четири недели. Тоа беше првиот, а досега и единствениот британски број еден сингл на Scissor Sisters.

Во една од тие недели зад нив остана и „SexyBack“ на Justin Timberlake.

Успехот во Британија не беше случаен. Иако Scissor Sisters се бенд од Њујорк, таму станаа многу поголем феномен отколку дома во САД. Нивниот деби-албум беше најпродаваниот албум во Велика Британија во 2004 година, а две години подоцна „I Don’t Feel Like Dancin’“ им го донесе и најголемиот сингл во кариерата.

Оваа година песната полни 20 години.

Дваесет години откако Scissor Sisters ни кажаа дека не им се танцува, а направија песна на која е речиси невозможно да останеш мирен.


Играј понеделнички со Scissor Sisters.

е-Трн да боцка во твојот инбокс