Турција отвори специјализирани клиники за млади кои сакаат да се откажат од пушење

Турција отвори специјализирани клиники за млади од 12 до 18 години кои сакаат да се откажат од пушење и никотински производи.

Турското Министерство за здравство отвори нови специјализирани клиники за одвикнување од пушење, наменети за млади на возраст од 12 до 18 години.

Како што објави „Дејли сабах“, клиниките ќе обезбедуваат индивидуализирано лекување, советување и поддршка за адолесценти кои сакаат да се ослободат од никотинската зависност.

Младите сè поранливи на никотинска зависност

Според здравствените власти, тинејџерите се сè поизложени на ризик од пушење поради притисокот од врсниците, влијанието на социјалните мрежи и полесниот пристап до новата генерација никотински производи, меѓу кои и електронските цигари.

Новите клиники се осмислени така што ќе одговорат не само на физичката зависност, туку и на психолошките и социјалните фактори што влијаат врз навиките кај младите.

Во моментов вакви специјализирани центри работат во седум локации во турските области Агри, Анкара, Бурса, Чанакале, Чорум и Ќутахја, а Министерството за здравство најавува постепено проширување на мрежата низ целата земја.

Турција планира построги мерки против пушењето

Клиниките се дел од пошироката национална програма за борба против пушењето. Во последните години во Турција се отворени вкупно 1.600 клиники кои им помагаат на граѓаните да се откажат од цигарите.

Според „Хуриет дејли њуз“, владејачката Партија на правдата и развојот и Министерството за здравство подготвиле и предлог-закон со нови ограничувања за пушачите.

Една од најрадикалните мерки предвидува целосна забрана за продажба на сите тутунски производи во Турција од 1 јануари 2040 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс