Томас Тухел не го криеше разочарувањето по драматичната елиминација на Англија од Аргентина во полуфиналето на Светското првенство.
Англичаните водеа со голот на Ентони Гордон од 55. минута, но Аргентина направи спектакуларен пресврт со погодоците на Енцо Фернандес во 86. минута и Лаутаро Мартинез во судиското продолжение, за конечни 2:1 и пласман во финалето.
„Станавме премногу пасивни“
„Разочарани сме. Бевме многу блиску, но откако поведовме, станавме премногу пасивни и им дозволивме да создадат многу шанси. Не успеавме да воспоставиме контрола врз поседот на топката, а потоа им дозволивме премногу нафрлувања, шанси и удари кон голот.
Бевме блиску, но по постигнатиот гол не успеавме да го задржиме истото ниво на игра“, изјави Тухел.
„Одговорноста е кај тренерот“
Германскиот стратег ги објасни и измените што ги направил во текот на натпреварот.
„И на претходните натпревари внесував офанзивни играчи. Само се обидувавме да му помогнеме на тимот. Веднаш им дозволивме опасна шанса, па решивме да преминеме на формација со петмина во одбраната, бидејќи се отвораа преголеми празнини.
Тие го добиваа секој воздушен дуел и постојано нафрлаа топки во нашиот шеснаесетник. Сакавме да го затвориме просторот во средината и да бидеме посилни во воздушната игра.
Секако, одговорноста е кај тренерот и кога работите нема да завршат добро, лесно е да се каже дека одлуката била погрешна“, рече тој.
„По натпреварот има милиони тренери“
Тухел смета дека проблемот не бил во тактичката поставеност, туку во тоа што неговите играчи не успеале да ја задржат топката.
„Секако дека сакавме да постигнеме втор гол, но тоа е невозможно ако не можете да дојдете до топката. Не успевавме да излеземе од сопствената половина.
Не мислам дека офанзивните измени ќе помогнеа. Останавме во формација 4-4-2, но станувавме сè попасивни.
Не успевавме да освоиме ниту една топка, ниту да ја задржиме, па мислам дека проблемот не беше во системот. Ние ништо не сменивме, но натпреварот целосно се промени. Немам проблем со тоа што се дискутира за моите одлуки. По секој натпревар има милиони тренери што мислат дека знаат подобро“, порача селекторот на Англија.