Истражување покажува дека доцната дијагноза на туберкулозата останува сериозен здравствен проблем, а лекарите предупредуваат дека навременото препознавање на симптомите може да спаси животи.
Речиси едно лице неделно во Англија, во периодот од 2010 до 2022 година, добило дијагноза за туберкулоза дури по смртта, покажува анализа објавена од Independent. Истражувањето опфатило 574 случаи во кои болеста била потврдена откако пациентите веќе починале.
Туберкулозата е бактериска инфекција која најчесто ги зафаќа белите дробови и се пренесува преку воздух. И покрај напредокот во медицината, таа и понатаму е една од најсмртоносните заразни болести во светот. Според достапните податоци, во 2024 година од неа заболеле околу 10,7 милиони луѓе, а повеќе од 1,2 милиони починале.
Експертите предупредуваат дека доцната дијагноза најчесто се должи на тоа што симптомите лесно се мешаат со други заболувања, особено кај постари лица и пушачи. Просечното време од појавата на симптомите до поставување дијагноза во Англија изнесувало 72 дена, период во кој заразените можеле несвесно да ја пренесуваат болеста.
Најчестите симптоми на туберкулозата се долготрајна кашлица која трае повеќе од три недели, покачена температура, ноќно потење, необјаснето слабеење, губење на апетит и постојан замор. Лекарите нагласуваат дека појавата на овие симптоми бара навремен лекарски преглед, бидејќи раното откривање значително ги зголемува шансите за успешно лекување.
Авторите на студијата сметаат дека секој случај во кој туберкулозата е дијагностицирана дури по смртта треба детално да се анализира, со цел да се утврди дали болеста можела да биде препознаена и лекувана навреме.