Несреќата се случила на приморскиот автопат меѓу Унец и Равбаркоманда, во правец кон Копер. Автомобил „Ауди А4“ со италијански регистарски ознаки најпрво удрил во заштитната ограда, а потоа силно се судрил со задниот лев дел од приколка на товарно возило кое било запрено поради дефект.
Според словенечката полиција, во автомобилот имало пет македонски државјани кои живееле во Италија: брачен пар, нивните две деца и мајката на возачот.
На местото на несреќата починале 74 годишната жена и двете деца, на возраст од 4 и 11 години. Според дополнителните информации, станува збор за бабата и нејзините две внучиња.
Возачот, 39 годишен маж, не е повреден, додека неговата 33 годишна сопруга била пренесена во болница со хеликоптер. Возачот на товарното возило во моментот на судирот бил во кабината и исто така не е повреден.
Полицијата соопштила дека брзите тестови покажале отсуство на алкохол и наркотични средства кај возачот на автомобилот. Истрагата треба да ги утврди сите околности под кои дошло до судирот.
Словенечките власти претходно соопштија дека камионот бил запрен покрај автопатот поради дефект, по што автомобилот удрил во неговата приколка.
Според објавените информации, семејството потекнува од село Житинени во општина Центар Жупа.
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија потврди дека во несреќата загинале тројца македонски државјани и дека преку Амбасадата во Љубљана се следи случајот.