Преспанскиот слив, поделен меѓу Албанија, Грција и Северна Македонија, е еден од највредните прекугранични слатководни екосистеми во Европа и дом на ретка биолошка разновидност, извор на вода за пиење и темел на земјоделството, рибарството и туризмот за локалните заедници. Новата анализа, спроведена во рамките на проектот „Преспанет III“ од трилатерална работна група која детално прегледала над 120 научни документи, дава најцелосна слика досега за состојбата на овие води – и таа слика не е охрабрувачка.
Извештајот е објавен од Македонското еколошко друштво, во рамки на мрежата ПреспаНет, заедно со Здружението за заштита на Преспа (SPP) и PPNEA од Албанија, а печатена верзија може да се добие и во локалната канцеларија на друштвото во Ресен
Зошто воопшто беше потребен ваков преглед?
Иако водите на Преспа со децении се предмет на бројни научни истражувања, сознанијата остануваат расцепкани меѓу различни држави и институции, различно детални и достапни, понекогаш застарени, а на места дури и противречни. Бидејќи трите земји-соседи често дискутираат за иднината на сливот врз основа на погрешни или нецелосни претпоставки, работната група си поставила јасна цел, не да спроведе ново истражување, туку да одговори на три прашања: што знаеме со доволна сигурност, што сè уште е неизвесно и што итно мора да се истражи.
Главниот резултат – фрагментирано знаење
И покрај обемната научна работа во регионот, анализата утврди сериозни структурни слабости. Повеќето постојни студии се фокусираат само на една држава, иако сливот е заеднички. Земјите имаат целосно различни системи за мониторинг, во Албанија и Македонија делумно е воспоставен систематски државен мониторинг, додека во Грција структуриран систем се применува дури од 2012 година. Податоците честопати воопшто не се јавно достапни, а недостига современо, повеќегодишно хидролошко моделирање, многу студии сè уште се потпираат на застарени, „стационарни“ методи кои не ги земаат предвид промените низ времето.
Драматичното опаѓање што никој целосно не го објаснува
Меѓу најјасните, но и најзагрижувачките наоди е трендот на водостојот на Големото Преспанско Езеро. Научните сознанија потврдуваат дека езерото доживеало значително опаѓање кон крајот на дваесеттиот век, тренд кој продолжува со различен интензитет и до денес, водостојот останува низок во споредба со историските состојби, а вкупниот волумен на езерото значително се намалил во последните децении.
Како главен причинител се посочуваат намалените врнежи од дожд и снег и климатската варијабилност, особено во влажните сезони. Земјоделското наводнување исто така придонесува кон намалениот водостој, но недостасува сигурна квантификација, официјалните податоци за количината на зафатена вода веројатно ја прикажуваат како пониска од реалната. Клучно е, сепак, она за што извештајот е експлицитен за популарните шпекулации дека губитоците се должат на тектонска активност или на работењето на браната „Кула“, нема убедливи научни докази. Ова е важна корекција на честата теорија што циркулира во јавниот дискурс.
Езерото не е само пејзаж
Извештајот потсетува дека преспанските езера и реки, заедно со подземните води, се многу повеќе од убав пејзаж, тие се извор на вода за пиење, поткрепа за земјоделството, темел за рибарството и туризмот, дом на ретки растенија и животни и дел од идентитетот и наследството на локалните заедници. Токму затоа понискиот водостој директно влијае врз мрестилиштата на рибите, го менува крајбрежјето и ги намалува влажните ливади, ја прави водата за земјоделството сè понедостапна и штетно влијае врз туризмот.
Преспа, гледано хидролошки, е исклучително сложена. Вода подземно тече од Големото Преспанско Езеро кон Охридското Езеро низ карстни формации, но точната количина и сезонските варијации сè уште не се прецизно измерени. Постојат ограничени податоци за врнежи на големи надморски височини, слаби сознанија за други подземни водни системи и разлики меѓу националните мерења на водниот биланс. Бидејќи целосниот воден биланс сè уште не може да се утврди со сигурност, засегнатите страни не можат целосно да се согласат околу тоа колку од проблемот произлегува од природни, а колку од човечки фактори.
Две клучни повеќегодишни студии дале најсилни насоки досега, анализата на GFA Consulting (2005), поддржана од Германската банка за реконструкција, покажала висока зависност на водостојот од дотекот во езерото, а помала од самите зафаќања на вода. Студијата на Ван дер Шрик и Ѓанакопулос (2017) дополнително покажала силна врска меѓу годишните промени на нивото и врнежите во влажната сезона (октомври – април), како и дека зафаќањата на вода придонеле за одржување на ниското ниво по 1995 година.
Квалитетот на водата – постепено, но забележливо влошување
Освен количината, анализата покажува и постепено збогатување со хранливи материи (еутрофикација) на преспанските езера, главно поради површинско истекување од земјоделството, ѓубрива и дифузно загадување. Констатирани се сезонско намалување на кислородот, периодично цветање на алги и цијанобактерии, промени во планктонските заедници и знаци на локално нарушување на екосистемот. Иако тешките метали и повеќето органски загадувачи генерално се во рамките на пропишаните граници, нивното присуство укажува на континуиран внес на отпадни води. Извештајот предупредува дека дури и ако изворите на загадување останат стабилни, понатамошното опаѓање на водостојот може да ги влоши еколошките услови преку концентрирање на веќе присутните хранливи материи и загадувачи.
Климатските промени како засилувач на сите проблеми
Преспанскиот слив се наоѓа во медитеранскиот регион едно од жариштата на климатските промени во Европа. Иако не постои целосен научен консензус за точниот удел на климатските промени во досегашното опаѓање на водостојот, констатираните и проектираните трендови вклучуваат пораст на температурите, намалени врнежи, почести суши и зголемено испарување. Овие промени директно ги засилуваат постојните притисоци го намалуваат волуменот на водата, ја зголемуваат концентрацијата на загадувачи и ја загрозуваат автохтоната биолошка разновидност.
Можеби најважниот заклучок од целата анализа е дека главниот предизвик не е (само) од научна природа, туку предизвик на управување, соработка, институционален капацитет и доверба меѓу земјите. Не постои стабилен трилатерален механизам за заедничка проценка на водните ресурси, координирано планирање или одлучување засновано на докази. Трите земји функционираат со различни правни рамки, институционални капацитети и обврски за мониторинг – и токму поради овие пропусти, во јавната дебата и во политиките се провлекуваат неточни сфаќања.
Четири приоритети за иднината
Извештајот предлага јасна патека напред. Прв приоритет е воспоставување трилатерална рамка за континуиран мониторинг и јавно достапна заедничка база на податоци, „довербата се темели врз транспарентност“.
Втор приоритет е развивање интегриран, долгорочен симулациски модел за Преспа и Охрид заедно, кој би ги тестирал мерките за управување пред нивната примена.
Трет приоритет е поттикнување интердисциплинарни истражувања што ја поврзуваат хидрологијата со геологијата, екологијата и социоекономијата. Четврт приоритет е зајакнување на врските меѓу науката, политиките и практиката, преку трилатерални планови за справување со суши и координирано адаптациско планирање.
Земјоделство – не по секоја цена, туку паметно
Посебен акцент е ставен и на земјоделството, како значаен потрошувач на вода во сливот. Извештајот јасно потенцира дека целта не е да се намали земјоделството, туку да се направи посигурно и поодржливо, преку диверзификација на културите, поефикасно користење на водата, намалување на загубите на нутриенти и решенија засновани на природата, како што се пошумувањето и обновувањето на почвата.
Научната литература дава солидна, но нецелосна основа за тоа во која насока се движат промените и колку сериозни се заканите, но извештајот е недвосмислен дека дури и целосно решени научни прашања не би биле доволни без вистинска трилатерална соработка. Преспа, се наведува во заклучокот, може или да стане модел на европска соработка во управувањето со заеднички води или студија на случај за пропуштена можност, изборот зависи исклучиво од тоа дали Албанија, Грција и Македонија конечно ќе ги надминат фрагментираните национални пристапи.