„Проклетството на фараонот“ можеби не е мит: Зошто трговијата со мумии преку интернет е опасна

Мумифицирани човечки останки денес се појавуваат на интернет огласи и аукции, но истражувачите предупредуваат дека нивната продажба може да носи реални здравствени ризици. Нова студија анализирала 128 огласи и открила дека дел од останките покажуваат знаци на биолошко распаѓање, додека продавачите најчесто не даваат упатства за безбедно ракување.
Фото: Viktor Lazić, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Она што некогаш било поврзувано со древните гробници и археолошките ископувања, денес може да се најде и на интернет. Мумифицирани човечки останки се нудат преку огласи и онлајн аукции, а научниците предупредуваат дека ваквата трговија не е само етичко и културолошко прашање, туку може да претставува и недоволно истражен ризик за јавното здравје. 

Нова студија објавена во списанието „Интернешенел журнал оф калчурал проперти“ анализирала 128 интернет огласи и аукции на кои биле понудени мумифицирани човечки останки. Истражувачите откриле дека кај дел од предметите постојат видливи знаци на биолошко распаѓање, додека информациите за нивното безбедно чување и ракување биле ограничени или целосно отсутни. 

Дополнителна загриженост предизвикува фактот што некои од овие останки биле испраќани преку обични поштенски услуги, без посебни услови за транспорт и без јасни информации за потенцијалните биолошки и хемиски опасности.

Што точно се продава?

Според анализата, повеќе од половина, односно 51,6 проценти од анализираните предмети, биле цели или делови од мумифицирани глави и черепи со зачувано меко ткиво или коса. 

Тоа значи дека не станува збор само за суви коски или археолошки артефакти. Во одредени случаи се нудат човечки останки во кои и по повеќе векови може да останат органски материјали.

Процесот на мумификација го забавува природното распаѓање на телото, но не значи дека сите биолошки и хемиски опасности исчезнуваат.

Напротив, начинот на кој биле зачувувани телата во различни историски периоди можел да вклучува употреба на различни супстанции, меѓу кои и тешки метали како арсен, жива и олово. Тие материи можат да претставуваат ризик при директно ракување со останките. 

Опасноста не мора да доаѓа од „проклетството“

Легендата за „проклетството на фараонот“ со децении ја следи приказната за отворањето на древните египетски гробници. Особено познат е случајот со лордот Карнарвон, главниот финансиер на експедицијата што во 1923 година ја откри гробницата на Тутанкамон. Неговата смрт подоцна била поврзувана со наводното проклетство.

Научниците, сепак, предупредуваат дека доколку постои опасност од мумифицирани останки, таа може да биде многу поприземна и медицински објаснива.

Иако некои мумии се стари стотици години и се целосно исушени, истражувачите не ја исклучуваат можноста во нив да останат микроорганизми во мирување. Особена загриженост предизвикуваат габите, чии спори би можеле да се ослободат во воздухот при поместување или неправилно ракување со останките. 

Габите се еден од главните ризици

Кристи Сквајерс, професорка по човечка биоархеологија на Универзитетот Стафордшир и една од авторките на студијата, предупредува дека мумифицирани човечки останки понекогаш се изложуваат без соодветна заштита.

Во одредени случаи, според истражувачите, останките се чуваат без заштитни стаклени витрини, без видлива контрола на температурата и без други мерки што би требало да се применуваат при нивното чување. 

Авторите потсетуваат и на претходни истражувања поврзани со отворањето на гробницата на полскиот крал Казимир IV Јагелонец во Краков во 1970 тите.

Тогаш биле проучувани можните последици од изложувањето на габични спори, а претходни истражувања го поврзале вдишувањето на спори од габата аспергилус со смртта на 10 од 12 научници кои учествувале во отворањето на гробницата. 

Мумиите можат да содржат и траги од болести

Научниците посочуваат дека мумифицираните човечки останки се исклучително вредни за истражувањето на минатото.

Од нив може да се добијат информации за исхраната, начинот на живот, болестите, генетскиот материјал и условите во кои живееле луѓето пред стотици или илјадници години.

Но токму затоа што во нив можат да останат траги од различни биолошки процеси, нивното ракување бара посебна внимателност.

Абдулах Сами, доцент на Факултетот за природни науки при Универзитетот Аин Шамс и директор на истражувачки центар при медицинскиот факултет на истиот универзитет, оценува дека студијата е важно предупредување за ризиците поврзани со трговијата со мумии. 

Според него, древните човечки останки можат да зачуваат траги од болести и генетски материјал, што ги прави исклучително важни за науката, но истовремено можат да содржат хемиски супстанции и микроорганизми поради кои се неопходни соодветни заштитни мерки при ракувањето.

Интернетот ја олеснува трговијата

Токму интернетот создава нов проблем. Предмети што некогаш можеле да бидат достапни само во музеи, археолошки збирки или специјализирани институции денес можат да се појават на онлајн аукции и приватни огласи.

Студијата покажува дека проблемот не е само во тоа што се продаваат човечки останки, туку и во условите под кои тие се нудат, складираат и транспортираат.

Продавачите, според истражувањето, најчесто не обезбедуваат јасни упатства за безбедно ракување и чување, додека кај дел од понудените останки веќе се забележуваат знаци на распаѓање. 

Истражувачите затоа сметаат дека растечката трговија со мумифицирани човечки останки преку интернет заслужува поголемо внимание не само од археолозите и институциите за културно наследство, туку и од здравствените власти.

Прашањето веќе не е само кој има право да продава или купува човечки останки, туку и што се случува кога потенцијално опасен биолошки или хемиски материјал се испраќа по пошта и завршува во приватна колекција без соодветни услови за чување. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс