Преспа на 20 јуни ќе биде домаќин на нов настан кој ги спојува спортот, забавата и локалниот развој. „Преспа Ran and Fun“ е иницијатива на младите од здружението Преспа Хаб, кои преку трка покрај езерото и целодневна фестивалска програма сакаат да покажат дека иднината на регионот лежи во алтернативниот туризам. Идејата за настанот произлегла од желбата да се направи нешто позитивно за Преспа и да се понуди нова причина за посетителите да дојдат во регионот.
„Идејата се роди оттаму да се направи нешто повторно, нешто добро за Преспа. Првично размислувавме за фестивал, но потоа сфативме дека можеме да создадеме настан кој ќе биде и трка и фестивал во исто време. Така се роди Преспа Ran and Fun“, вели Стефан Василев, еден од организаторите.
Настанот започнува на 20 јуни во 9 часот наутро. Трасата за трчање се протега од Претор до Крани, а учесниците ќе можат да изберат патека од пет или десет километри. По спортскиот дел следува фестивалска програма со музика и дружење која ќе трае до доцните вечерни часови. Интересот за првото издание веќе ги надминал очекувањата на организаторите.
„Само на пријавени тркачи досега имаме над 500 учесници. Освен тоа, забележуваме голем интерес и за фестивалскиот дел, од луѓе кои сакаат да дојдат за музиката и атмосферата. Тоа ни покажува дека ваквиот концепт има потенцијал“, додава Василев.
Зад настанот стои и поширока визија за развојот на туризмот во регионот. Организаторите сметаат дека времето на масовниот туризам во Преспа е минато и дека иднината треба да се бара во поодржливи и поавтентични туристички содржини.

„Нашата визија за туризмот во Преспа е поврзана со алтернативниот туризам. Луѓето се заинтересирани за аутдор активности, спортски настани и фестивали. Токму тоа е правецот во кој треба да се движи регионот ако сака да привлече нова публика, особено млади луѓе“, вели Христијан Трајчевски.
Во „Преспа Хаб“ велат дека ова е само почеток на серија активности кои треба да го оживеат регионот преку спортски и културни содржини.
„Преспа Хаб е младо, но амбициозно здружение. Преспа Ran and Fun е нашиот прв голем настан, но имаме планови за многу нови иницијативи во областа на спортот и културата. Сакаме да создадеме причина младите да доаѓаат, да остануваат и да ја доживуваат Преспа на поинаков начин“, вели Ангела Трајчевска.

За неа, мотивацијата е и лична.
„Родена сум тука и најголем дел од животот сум го поминала во Преспа. Секогаш кога ќе се враќав дома и ќе ја гледав состојбата на езерото и местото да се влошува, сфаќав дека ние сме тие што треба да го направиме првиот чекор. Сакавме да создадеме нешто на што ќе можеме да му се радуваме кога ќе се вратиме дома“, вели таа.
Организаторите нагласуваат дека значајна улога во реализацијата на проектот имала и поддршката од проектот ЕУ за Препа и УНДП, кои помогнале идејата да добие конкретна форма и да стигне до поширока публика.
Со спојот на трчање, музика и локален ентузијазам, „Преспа Ran and Fun“ годинава испраќа порака дека туризмот во Преспа може да се развива поинаку, преку искуства, природа и заедница, наместо преку масовност.