„Трчаме со срце“ – хуманитарна трка на СОС Детско село

„Патеката е во форма на срце затоа што љубовта, грижата и чувството дека некој е покрај нас навистина можат многу да променат.“, велат од СОС Детско село Македонија

По повод 25 години СОС Детско село Македонија, на 19 септември Градскиот парк во Скопје ќе се претвори во голема патека на солидарност – долга 4 километри и симболично исцртана во форма на срце.

Досега ги обединуваше компаниите и луѓето од ИТ-заедницата, а оваа година, “срцето“ станува поголемо. 

Под мотото „Трчаме со срце“, СОС Хуманитарната трка powered by IT4Charity ги повикува сите – искусни тркачи, рекреативци, тимови, пријатели и семејства да трчаат за една заедничка цел: Ниту едно дете да не расте само.

Веќе 25 години СОС Детско село Македонија обезбедува грижа, сигурност и поддршка за децата и младите без родителска грижа и им помага на семејствата кои се соочуваат со сериозни животни предизвици. Во изминатите две и пол децении, преку програмите на организацијата беа променети повеќе од 6.090 животи на деца, млади, згрижувачи и семејства.

Токму затоа и патеката на 19 септември нема случајно да биде во форма на срце.

„За некого тоа ќе бидат само четири истрчани километри. За нас, секој од тие чекори носи многу поголемо значење. Зад нив стои поддршка на многу животни приказни кои чекаат можност за подобра иднина. Патеката е во форма на срце затоа што љубовта, грижата и чувството дека некој е покрај нас навистина можат многу да променат.“, велат од СОС Детско село Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс