Трамп нема да оди на свадбата на Доналд Трамп Помладиот поради државни обврски

Доналд Трамп соопшти дека нема да присуствува на свадбата на својот син Доналд Трамп Помладиот со Бетина Андерсон поради државни обврски во Вашингтон.

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека нема да присуствува на свадбата на својот најстар син, Доналд Трамп Помладиот, со Бетина Андерсон, поради итни државни обврски во Вашингтон.

Трамп на својата социјална мрежа „Трут сошл“ напиша дека сакал да биде покрај својот син и неговата идна сопруга, но дека околностите поврзани со управувањето на земјата не му дозволуваат да отпатува.

„Иако многу сакав да бидам покрај мојот син Дон Помладиот и најновиот член на семејството Трамп, неговата идна сопруга Бетина, околностите поврзани со управувањето на земјата и мојата љубов кон САД не ми дозволуваат да присуствувам. Сметам дека е од клучна важност да останам во Белата куќа во овој толку важен момент“, напиша Трамп.

Свадбената церемонија, според Си-Ен-Ен, треба да се одржи викендов на мал остров на Бахамите. Двојката веќе ја регистрирала граѓанската брачна врска, според венчалниот лист издаден во округот Палм Бијч, Флорида.

Од опкружувањето на Доналд Трамп Помладиот засега нема официјален коментар.

Претседателот Трамп претходно пред новинарите изјави дека неговиот син многу сакал тој да биде присутен, но темата ја оцени како „незначителна лична работа“. Како главна причина за останувањето во Вашингтон ги наведе надворешнополитичките предизвици.

„На дневен ред го имам Иран и други големи проблеми“, рече Трамп, во контекст на тензиите на Блискиот Исток и безбедноста на клучните пловни патишта, меѓу кои и стратешки важниот Ормуски Теснец.

Американската администрација во моментов води индиректни дипломатски преговори со Техеран преку Пакистан, со цел да се стави крај на конфликтот со Иран, кој започна на 28 февруари.

Според измените во неговиот протокол, Трамп го откажал планираниот престој во својот голф-клуб во Бедминстер, Њу Џерси, за да се врати во Белата куќа.

За Доналд Трамп Помладиот ова ќе биде трет брак. Со поранешната сопруга Ванеса, актерка и поранешен модел, беше во брак 12 години и имаат пет деца. Таа поднесе барање за развод во 2018 година. Потоа, тој беше верен со американското ТВ-лице Кимберли Гилфојл, со која се раздели во 2024 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс