Американскиот претседател Доналд Трамп и Иран разменија досега најостри закани од почетокот на најновата ескалација на конфликтот, дополнително зголемувајќи ги стравувањата од поширока регионална војна. Трамп предупреди дека секој нов ирански напад врз бродови во Ормутскиот Теснец ќе биде проследен со американски удари врз цивилна инфраструктура во Иран.
„Отсега натаму, секој пат кога Иран ќе нападне брод во Ормутскиот Теснец – со ракета, дрон или кое било друго оружје – Соединетите Американски Држави ќе бомбардираат и уништат по еден мост или електрана“, изјави Трамп.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи одговори со порака „Око за око“, нагласувајќи дека секој напад врз Иран, вклучително и врз цивилната инфраструктура, ќе биде проследен со „силен и решителен одговор“.
Претседателот на иранскиот парламент и главен преговарач Мохамад Багер Галибаф предупреди дека конфликтот или ќе заврши целосно, или постои сериозна опасност во него да бидат вовлечени сите држави од регионот.
Во меѓувреме, телата на американските војници загинати во конфликтот на Блискиот Исток пристигнаа во САД, а Трамп разговарал со нивните семејства.
Израелските медиуми објавија дека новиот директор на разузнавачката служба Мосад, Роман Гофман, пред две недели престојувал во Вашингтон, каде со претставници на администрацијата на Трамп споделил разузнавачки информации за иранскиот подземен нуклеарен комплекс „Пикекс Маунтин“. Во меѓувреме, јеменските Хути, кои имаат поддршка од Иран, соопштија дека извеле напад врз два саудиски нафтени танкери, тврдејќи дека тие ја прекршиле поморската блокада што ја прогласија претходно оваа недела.
На дипломатски план, италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани најави дека седмата рунда директни разговори меѓу Израел и Либан ќе се одржи на 4 август во Рим. Поради влошената безбедносна состојба, Европската агенција за безбедност на воздушниот сообраќај (EASA) им препорача на авиокомпаниите да го избегнуваат воздушниот простор над Јордан.