Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека размислува Атлантскиот или Тихиот Океан да добие ново име – „Трампов океан“ или „Океан на Америка“. Идејата ја споменал за време на обраќање пред гласачи во сојузната држава Тенеси, потсетувајќи на своите претходни предлози за преименување географски објекти.
„Размислував или за Атлантикот или за Пацификот. Ние го нарекуваме ‘Трампов океан’ или ‘Океан на Америка’. Треба да го направиме тоа пред да си заминам“, рекол Трамп.
Изјавата доаѓа во период кога американскиот претседател повторно отвора прашања за преименување географски локации. Претходно истиот ден тој изјавил и дека неговата администрација разгледува можност Ормускиот Теснец да биде преименуван според американскиот претседател.
Во септември Трамп потпиша наредба со која езерото Онтарио требало да го добие името „Езеро Америка“. Езерото е дел од системот на Големите Езера и се наоѓа на границата меѓу Соединетите Американски Држави и Канада, меѓу американската сојузна држава Њујорк и канадската провинција Онтарио.
Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека Канада ќе продолжи да го користи досегашното име на езерото, пренесува Срна.
Засега не е објавена конкретна одлука за преименување на Атлантскиот или Тихиот Океан, туку станува збор за идеја што Трамп јавно ја изнел.