Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека индиректните разговори меѓу американските и иранските претставници што се одржуваат во Доха напредуваат успешно и оцени дека „се многу добри“. Трамп повтори дека клучната цел на Вашингтон останува непроменета – Иран да не дојде до нуклеарно оружје.
„Процесот на денуклеаризација на Иран оди добро. Имавме многу добри состаноци и ќе видиме како ќе се развиваат работите“, изјави Трамп пред новинарите во воената база Ендруз, пренесува Ројтерс.
Тој посочи дека разговорите се одвиваат индиректно, преку посредници, без директна средба меѓу американските и иранските претставници. Посредничката улога ја имаат Катар и Пакистан, а целта е намалување на тензиите по неодамнешните судири меѓу двете земји. Трамп додаде дека, и покрај претходните американски воени напади врз ирански цели, односите меѓу двете страни се движат во позитивна насока и оцени дека актуелната ситуација е стабилна.
Освен за преговорите со Иран, американскиот претседател се осврна и на економските прашања, истакнувајќи дека неговите лични инвестиции ги управуваат финансиски фондови и дека растот на берзите позитивно влијае врз американската економија.
Трамп потврди и дека денес ќе го има првиот лет со новиот претседателски авион, кој САД го добија како подарок од Катар. Тој му се заблагодари на емирот Тамим бин Хамад ел Тани, оценувајќи дека станува збор за „еден од најдобрите авиони некогаш направени“.
Новиот авион, модел „Боинг 747“, во наредните месеци ќе биде адаптиран на американските претседателски безбедносни стандарди, пред целосно да биде ставен во употреба.