Американскиот претседател Доналд Трамп размислува да направи промени во тимот што посредува во обидите за постигнување мир меѓу Русија и Украина, откако досегашните дипломатски напори не донесоа значаен напредок. Според „Фајненшел тајмс“, кој се повикува на пет лица запознаени со плановите, Белата куќа ја разгледува можноста специјалниот пратеник Стив Виткоф и претседателовиот зет Џаред Кушнер да се повлечат од директната улога во преговорите.
Наместо нив, поголема улога би можел да добие директорот на ЦИА, Џон Ретклиф. Тој би продолжил да одржува контакти со руските и украинските разузнавачки служби, но би можел да добие и поширока задача во американските мировни напори.
Од Белата куќа и ЦИА не сакале да ги коментираат информациите. Изворите на „Фајненшел тајмс“ нагласуваат дека Трамп сè уште нема донесено конечна одлука. Осум патувања во Москва, но без договор. Можната промена доаѓа по низа контакти кои не донесоа пробив во преговорите.
Според информациите објавени од „Фајненшел тајмс“, Виткоф во изминатиот период осумпати патувал во Москва, додека американската страна имала само една посета на Киев во рамките на овие дипломатски напори. Последната посета на Виткоф и Кушнер во Москва, минатата сабота, исто така завршила без конкретен резултат.
Во европските престолнини, наводната можност Виткоф да биде отстранет од процесот била дочекана позитивно, бидејќи европските влади веќе подолго време очекуваат поместување во преговорите со Москва.
Путин јавно го пофали Виткоф, но зад сцената има критики
Иако рускиот претседател Владимир Путин неодамна јавно изрази доверба во американските претставници, зад затворени врати сликата е посложена. На последната средба со американските специјални пратеници Путин порача дека Москва има висок степен на доверба во нив и дека руската страна смета оти квалитетот на посредувањето е особено важен.
Сепак, според луѓе запознаени со неформалните контакти меѓу Москва и Вашингтон, Кремљ истовремено сигнализирал дека е подготвен да разгледа поинаков американски пристап кон преговорите. Во Москва Виткоф делумно се смета за одговорен и за неуспехот на состанокот меѓу Путин и Трамп на Алјаска во август 2025 година, тврдат украински функционери и лица запознаени со ставот на Кремљ.
Според тие наводи, Виткоф го убедил Трамп да одржи самит, уверувајќи го дека Путин е подготвен на одредени компромиси. На средбата, сепак, рускиот претседател ги повторил главните барања што Москва ги застапувала и претходно. Од Киев, пак, доаѓа поинаква критика: украинските претставници сметаат дека Виткоф не извршил доволен притисок врз Путин за руската страна да го ублажи својот став.
Ретклиф веќе има директен канал со руското разузнавање
Идејата Ретклиф да добие поголема улога во процесот не доаѓа целосно ненадејно. Пред последното патување на Виткоф и Кушнер во Москва, директорот на ЦИА самостојно отпатувал во руската престолнина и разговарал со руски разузнавачки претставници. Според информации што подоцна ги објавил „Вашингтон пост“, неговата посета не оставила позитивен впечаток кај Путин. Напротив, според тие наводи, рускиот претседател ја протолкувал посетата како знак на слабост и потоа дополнително ги засилил нападите врз Украина.
И покрај тоа, Ретклиф веќе има воспоставени директни канали со руската и украинската разузнавачка заедница, што би можело да биде важно доколку Вашингтон навистина реши да го префрли тежиштето на преговорите кон разузнавачките канали.
Во Вашингтон се судриле две различни визии
Според два извора запознаени со задкулисните разговори, американската администрација уште по неуспехот на еден претходен обид за договор, кон крајот на февруари, разгледувала промени во преговарачкиот тим. Тие планови биле ставени во втор план бидејќи вниманието на Вашингтон било насочено кон војната во Иран.
Во меѓувреме, меѓу Ретклиф и Виткоф наводно се појавило несогласување околу тоа кој треба да ја има главната улога и за кои прашања да биде надлежен. Последната посета на Виткоф и Кушнер во Москва, според изворите на „Фајненшел тајмс“, била и обид да се потврди дека украинското прашање останува во нивна надлежност.
Но, по средбата повторно немало видлив напредок. Еден човек запознаен со текот на разговорите меѓу Москва и Киев за американскиот пристап вели дека постојаното менување на пристапот е една од главните слабости на процесот. Според неговата оценка, сложен конфликт како овој бара добро организирана и континуирана работа на секое од спорните прашања, а токму тоа во моментов недостига.