Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе му помогнат на Либан повторно да се консолидира како држава, откако во земјата стапи во сила примирје меѓу Хезболах и Израел.
Прекинот на огнот започна ноќта меѓу четврток и петок, а според досегашниот договор, двете страни најмалку десет дена нема да извршуваат меѓусебни напади.
За време на разговор со новинарите во „Ер Форс Уан“, Трамп беше прашан дали ова примирје е поврзано со пошироките преговори околу Иран. Тој одговори дека директна поврзаност нема, но дека може да се каже оти постои психолошка врска меѓу тие случувања.
Подоцна, осврнувајќи се на состојбата во Либан, Трамп порача дека земјата поминала низ тежок период и дека Соединетите Американски Држави ќе помогнат во нејзиното закрепнување.
Во меѓувреме, либанскиот претседател Аун порача дека прекинот на огнот треба да прерасне во потрајни договори, нагласувајќи дека Либан сака да ја зачува својата сувереност и стабилност. Во своето обраќање тој му се заблагодари на Трамп за поддршката.