Трамп ќе го следи финалето на СП 2026 во живо, откриени детали за драмата во соблекувалната на Франција

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе присуствува на финалето меѓу Аргентина и Шпанија, додека во Франција се откриваат детали за тензичната атмосфера во соблекувалната.
epa13113927 Argentina players celebrate after the 1-1 during the FIFA World Cup 2026 semifinals match England against Argentina, in Atlanta, USA, 15 July 2026. EPA/RONALD WITTEK

До крајот на Светското првенство 2026 остануваат уште само два натпревари – мечот за третото место и големото финале. Во првото полуфинале Шпанија ја совлада Франција со 2:0, додека Аргентина со спектакуларен пресврт ја победи Англија со 2:1 и обезбеди место во финалето. За третото место, Франција и Англија ќе се сретнат во сабота, додека финалето меѓу Аргентина и Шпанија е закажано за недела, 19 јули.

Трамп ќе присуствува на финалето

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе биде меѓу гостите на финалето на Светското првенство, потврди портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит. Натпреварот ќе се игра на стадионот „МетЛајф“ во Ист Радерфорд, во американската сојузна држава Њу Џерси. За Аргентина ова ќе биде седмо финале на светските првенства. „Гаучосите“ досега трипати биле светски шампиони – во 1978, 1986 и 2022 година.

Шпанија, пак, ќе го игра своето второ мундијалско финале, со можност да ја освои втората титула по триумфот во 2010 година.

Фудбалер на Англија го прекина интервјуто на Меси

По полуфиналната победа над Англија, Лионел Меси даваше интервју за аргентинска телевизија во просториите на стадионот во Атланта.Во еден момент му пријде англискиот дефанзивец Марк Гехи, кој накратко го прекина разговорот.

„Со среќа во финалето“, му порача Гехи.

„Благодарам, ќе се видиме“, одговори Меси, а кратката размена на зборови предизвика позитивни реакции кај навивачите.

Тензии во соблекувалната на Франција

Во меѓувреме, француските медиуми откриваат детали за атмосферата во соблекувалната на Франција за време на полуфиналниот пораз од Шпанија. Според информациите, Усман Дембеле на полувремето се обидел со мотивирачки говор да ги разбуди соиграчите, но неговиот настап не бил добро примен од сите.

Наводно, дел од француските репрезентативци му замериле дека го крева тонот и покажува незадоволство само кога самиот ќе се најде во тешка ситуација, додека во други моменти не е подеднакво ангажиран.

Матеус ги критикуваше Тухел и Нагелсман

Поранешниот германски капитен Лотар Матеус упати критики кон селекторот на Англија Томас Тухел и селекторот на Германија Јулијан Нагелсман, оценувајќи дека понекогаш премногу комплицираат со своите тактички решенија. Завршницата на Светското првенство, покрај возбудувањата на теренот, продолжува да носи и бројни приказни надвор од него – од политички гости на трибините, преку моменти на спортски фер-плеј, до тензии во соблекувалните на најголемите репрезентации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс