Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран се согласил да се откаже од програмата за нуклеарно вооружување, оценувајќи дека тоа е „голема работа“ во преговорите меѓу Вашингтон и Техеран.
Во гостување во подкастот „Pod Force One“ на „New York Post“, Трамп рече дека договорот веќе е постигнат.
„Не можеме да им дозволиме нуклеарно оружје. Веќе се согласија дека нема да го имаат. Тоа беше голема работа“, изјави Трамп, пренесува Sky News.
Американскиот претседател ги отфрли тврдењата дека Иран има предност во конфликтот, оценувајќи дека земјата е сериозно ослабена воено и економски.
„Иран нема морнарица. Нема ни воздухопловство. Имаат многу малку војници. Немаат водство, баш никакво“, рече Трамп.
Тој додаде дека иранската економија е во тешка состојба, наведувајќи дека инфлацијата во земјата, според него, достигнува 250 проценти.
Говорејќи за блокадата на Ормускиот Теснец, Трамп рече дека не очекува таа долго да трае.
„Можно е, но мислам дека е малку веројатно. Верувам дека тоа ќе се реши доста брзо“, изјави тој, додавајќи дека САД бележат „многу голем воен успех во Иран“.
На прашањето за новото иранско раководство, Трамп потврди дека новиот врховен лидер е вклучен во преговорите.
„Апсолутно е вклучен. Велат дека тој ја дава конечната одлука, бидејќи така е многу долго време. Неговиот татко, па потоа тој, претпоставувам дека тоа е наследна линија. Но, изгледа дека прилично добро се согласуваме“, рече Трамп.
Тој не ја исклучи можноста за директна средба во иднина.
„Веројатно во некој момент ќе се сретнеме, во зависност од тоа како ќе се развиваат работите“, додаде американскиот претседател.