Американскиот претседател Доналд Трамп ја одби понудата на Иран за отворање на Ормускиот Теснец во замена за прекин на американската блокада на иранските пристаништа. Тој најави дека САД ќе ја задржат поморската блокада сè додека Техеран не прифати договор што ќе одговара на американските барања поврзани со иранската нуклеарна програма.
Со ова, Вашингтон го отфрла иранскиот предлог прво да се деблокира Ормускиот Теснец и да се укине блокадата, а разговорите за нуклеарната програма да се одложат за подоцнежна фаза.
Според извори запознаени со ситуацијата, американската Централна команда подготвила план за „краток и силен“ бран удари врз Иран, со цел да се прекине застојот во преговорите. Потенцијалните напади би можеле да опфатат цели поврзани со инфраструктурата, по што Вашингтон би се обидел да го врати Иран на преговарачката маса под поголем притисок.
Сепак, Трамп засега не издал наредба за воена акција. Во изјава за „Аксиос“, тој рече дека блокадата ја смета за „донекаде поефикасна од бомбардирањето“.
„Блокадата е донекаде поефикасна од бомбардирањето. Се гушат како преполнета свиња. А ќе им биде уште полошо. Не смеат да имаат нуклеарно оружје“, изјавил Трамп.
Американскиот претседател додаде дека Иран сака договор за да се укине блокадата, но дека Вашингтон нема намера да попушти додека, како што вели, постои ризик од нуклеарно вооружување.
Од Техеран, пак, стигна предупредување дека американската блокада може да предизвика посилен одговор. Висок ирански безбедносен извор, цитиран од државната телевизија „Прес ТВ“, порача дека американската поморска блокада „наскоро ќе наиде на конкретен и досега невиден одговор“.
Истиот извор наведе дека иранските вооружени сили досега покажувале воздржаност за да ѝ се даде простор на дипломатијата, но предупреди дека „трпението има граници“ доколку блокадата продолжи.
Со одбивањето на иранската понуда, кризата околу Ормускиот Теснец останува во центарот на глобалната енергетска и безбедносна неизвесност. Доколку двете страни не најдат дипломатски излез, расте ризикот од нова ескалација во регионот.