Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира серија градежни и инфраструктурни проекти во комплексот на Белата куќа, чија вкупна вредност се проценува на најмалку 927 милиони долари, објави „Вашингтон пост“.
Според весникот, најголемиот дел од средствата се очекува да дојдат од даночните обврзници. Наместо директно да побара финансирање од Конгресот, администрацијата обезбедувала пари преку трансфери од федерални агенции и приватни донации.
Средствата биле пренасочувани кон сметката на Извршната резиденција на Белата куќа за поправки и реставрација, а планираните зафати администрацијата ги опишува како проекти за модернизација.
Меѓу најголемите планови се изградба на балска сала во Источното крило, уредување на плоштадот Лафајет, нов хелиодром и центар за безбедносна проверка на посетителите, како и други интервенции во комплексот.
Плановите привлекоа дополнително внимание откако федерален апелациски суд пресуди дека за проектот за балската сала е неопходно одобрение од Конгресот.
Судиите Патриша А. Милет и Бредли Н. Гарсија во одлуката наведоа дека Конгресот има исклучиво овластување да ја регулира изградбата и уривањето на објектите на Белата куќа. Трамп најави жалба на одлуката.
Белата куќа досега не ја објави целосната пресметка за планираните работи, ниту деталите за потеклото на најголемиот дел од средствата.
Портпаролот Дејвис Ингл изјави дека проектите се реализираат во согласност со намерата на Конгресот и дека станува збор за неопходни реновирања на претседателскиот комплекс.
Според податоците што ги објавува „Вашингтон пост“, откако Трамп ја презеде функцијата, администрацијата насочила околу 875 милиони долари кон сметката за одржување на Извршната резиденција. За споредба, во последните години годишно за оваа намена биле одобрувани околу 2,5 милиони долари.
Весникот наведува и дека дел од договорите се спроведуваат преку Извршната резиденција, која не подлежи на истите правила за јавно објавување информации како повеќето федерални агенции.