Еден црвен картон ја отвори најголемата политичко-фудбалска контроверзија на Светското првенство.
Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека лично разговарал со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, барајќи да се преиспита црвениот картон на напаѓачот на САД, Фоларин Балогун.
Балогун беше исклучен на натпреварот против Босна и Херцеговина, што според правилата вообичаено носи автоматска суспензија од еден натпревар. Тоа значеше дека тој не требаше да настапи против Белгија во осминафиналето.
Но, ФИФА ја суспендираше казната на една година условно и му дозволи на Балогун да игра.
Трамп тврди дека не вршел притисок, туку само побарал преглед на ситуацијата.
„Сè што направив беше да побарам преглед, бидејќи не мислев дека е фаул. Не му кажав што да прави. Не можам да му кажам што да прави“, изјави Трамп пред новинарите.
Според него, инцидентот не бил прекршок, туку судир на двајца играчи што трчале со полна брзина. Тој го критикуваше и судијата Рафаел Клаус, нарекувајќи ја неговата одлука „многу сомнителна“.
ФИФА, пак, тврди дека одлуката ја донеле независните дисциплински тела. Инфантино потврди дека добил повик од Трамп, но рече дека му објаснил оти предметот е во рацете на надлежните тела на ФИФА.
„Судските тела на ФИФА се независни. Тие работат автономно, го применуваат дисциплинскиот кодекс и одлучуваат врз основа на прописите и фактите“, соопшти Инфантино.
Сепак, одлуката предизвика жестоки реакции.
УЕФА ја обвини ФИФА дека „преминала црвена линија“ и оцени дека ваквиот потег го поткопува интегритетот на играта и кредибилитетот на натпреварувањето.
Белгиската фудбалска федерација, чија репрезентација треба да игра против САД, изрази изненадување и најави дека ги разгледува правните опции.
Во случајот се вклучи и Европската комисија, која побара фер-плеј и транспарентна конкуренција во спортот. Од Брисел порачаа дека спортските натпреварувања мора да се водат по јасни правила, без сомнежи за политичко влијание.
Контроверзијата е уште поголема затоа што САД се домаќин на Светското првенство, а Трамп има блиски односи со Инфантино. Затоа критичарите прашуваат дали ова е само спортска ревизија или опасен преседан во кој политиката влегува директно во дисциплинските одлуки на ФИФА.
ФИФА не даде целосно објаснување врз која правна основа е суспендирана казната на Балогун, а токму тоа останува најголемото прашање.
На теренот, одлуката значи дека САД ќе може да игра со еден од своите најважни напаѓачи.